ЗНМ и ССНМ најостро ги осудуваат јавните објави на Драган Павловиќ Латас, кој во изминатите денови преку приватна страница на социјалната мрежа Фејсбук таргетира новинари од неколку медиуми, злоупотребувајќи приватни фотографии од нивните профили и користејќи ги во своите објави.
Меѓу таргетираните медиуми се Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), 360 степени, БИРН Македонија, како и други организации кои работат на заштита на човековите права.
На 25 февруари, Драган Павловиќ Латас, во рок од четири часа на Фејсбук објави серија статуси посветени на новинарките на ИРЛ, Сашка Цветковска и Деница Чадиковска, кои испровоцираа канонада од омраза и повици за линч и сексуално насилство.
Нападите имаат за цел да го спречат истражувањето за една длабока и моќна медиумско-обвинителска мрежа чии членови водени од лукративни интереси „гаселе“ судски случаи во кои државниот буџет бил оштетен за милионски суми.