ЗНМ и ССНМ: Кампањата за оцрнување на независните медиуми е опасност за демократијата

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) остро реагираа на, како што велат, организираната кампања за оцрнување насочена кон независните и критички медиуми.
Фото: Solomon203, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Според овие организации, нападите врз медиумите, засилени преку социјалните мрежи, имаат цел да ја поткопаат нивната кредибилност, особено кај новинарите кои откриваат корупција, злоупотреба на моќта и други теми од јавен интерес.

„Лажниот наратив дека овие медиуми добиле средства од УСАИД за да ја поткопаат демократијата претставува обид да се делегитимира нивната работа, иако нивното известување доведе до законски реформи, кривични истраги и санкции против одговорните за разни злоупотреби. Овие медиумски кампањи за оцрнување, единствено имаат за цел да го замолчат независното и критичко новинарство и да ја нарушат довербата во медиумите пред граѓаните. Кампањата за оцрнување дополнително ескалира на социјалните мрежи, каде што поттикнува омраза кон новинарите, вклучително и мизогини напади и закани кон новинарки. Ваквата реторика не само што потенцијално ја загрозува безбедноста на поединците, туку создава и клима на страв, со што директно се обесхрабрува слободното и професионално новинарство“, се истакнува во заедничката реакција ЗНМ и ССНМ.

Од организациите предупредуваат дека на социјалните мрежи кампањата добива дополнителна димензија преку говор на омраза, кој вклучува мизогини напади и закани кон новинарки.

Тие потсетуваат дека меѓународните правни стандарди, вклучително и оние на Советот на Европа и Европскиот суд за човекови права, јасно посочуваат дека нападите врз новинарите претставуваат закана за демократијата и слободата на медиумите. Дополнително, со последните измени на Кривичниот законик, новинарите во Македонија имаат статус на службени лица при извршувањето на својата професионална должност.

ЗНМ и ССНМ ги повикаа институциите да обезбедат заштита на новинарите од закани и притисоци, а јавноста да ги отфрли дезинформациите и да ја поддржи независната медиумска работа како клучен столб на демократијата и одговорноста на институциите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни