Здружение на новинари на Македонија (ЗНМ) вечерва со свеченост во Македонска опера и балет ќе го одбележи јубилејот – 80 години од своето основање.
Од ЗНМ информираат дека во рамки на настанот ќе бидат доделени годишните награди: „Крсте Петков Мисирков“ за животно дело, „Јашар Еребара“ за истражувачко новинарство за 2025 година,
Наградата за најдобро новинарско известување за теми од локално и регионално значење за 2025 година.
Во соопштението се наведува дека јубилејот претставува значаен момент за ретроспектива на осум децении посветена работа во заштита на новинарската професија, слободата на изразување и јавниот интерес.
ЗНМ низ својата историја делува како професионална организација што ги застапува правата на новинарите и медиумските работници, реагира на притисоци и закани и учествува во креирање политики поврзани со медиумската слобода и етичките стандарди во новинарството.
Свеченоста во МОБ се очекува да собере претставници од медиумската заедница, институциите, граѓанскиот сектор и меѓународни партнери, а настанот ќе има и симболична димензија – одбележување на континуитетот на организираното новинарско делување во земјата во изминатите осум децении.