Змиите се важна алка во кревкиот баланс на животната средина: Граѓаните треба да бидат смирени и да избегнуваат директен контакт

Со затоплувањето на времето и растот на вегетацијата се зголемува движењето на змиите, што во одредени случаи може да доведе до нивно инцидентно појавување во урбаните средини. Евентуалните ретки средби со овие животни, можат кај граѓаните да предизвикаат прашања поврзани со нивната безбедност и онаа на нивните миленици.

Македонското еколошко друштво ги советува граѓаните да бидат смирени, внимателни и да избегнуваат непосреден контакт со овие животни и покрај тоа што поголемиот број од змиите во Македонија не се опасни. 

На територијата на Републиката живеат 16 вида на змии, од кои единствено три се отровни. Најраспространет, а со тоа и најопасен е поскокот, кој е препознатлив по карактеристичното „рокче“ на предниот дел од главата и ромбовидните шари кои се протегаат по грбот. Останатите два вида на отровници – шарката и степската лутица – живеат на надморска височина од над 1500 метри и тоа на определени планини во државата.

Во случај на каснување од змија, граѓаните треба да останат смирени и веднаш да побараат медицинска помош. Доколку граѓаните немаат претходни здравствени проблеми и со навремено укажана медицинска помош, каснувањето би поминало без посериозни компликации по нивното здравје.

„Во Македонија не постојат змии кои што агресивно можат да нападнат човек во одбрана на територија или гнездо. Напротив, секоја блиска средба или каснување настанува поради недоволно внимание или неносење на соодветна опрема (високи обувки) во природа. Змијата секогаш се стреми да избегне средба со човек и најчесто бега или се вкочанува во место – сѐ што треба да направиме е да ја заобиколиме или да ја оставиме да продолжи по својот пат“ – објаснува Драган Арсовски, доктор на биолошки науки специјализиран за змии и други влекачи во Македонското еколошко друштво.

Апелираме до граѓаните да не ги напаѓаат и повредуваат змиите, кои што имаат исклучително големо значење во одржувањето на кревкиот баланс на екосистемот и контролата врз популациите на глодари и други видови на змии. Потсетуваме дека во Македонија не постои сервис за отстранување на овие животни, а граѓаните треба уредно и редовно да ги одржуваат своите дворни површини како превентивна мерка против засолнувањето на змии.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни