Златото руши рекорди, берзите паѓаат додека Трамп пристигнува во Давос

Пазарите реагираат со раст на благородните метали и пад на берзите поради ескалацијата на тензиите меѓу САД и ЕУ околу Гренланд, во пресрет на пристигнувањето на Доналд Трамп во Давос.

Златото достигна нов историски максимум, а европските берзи повторно се најдоа во минус, во момент кога светските лидери во Давос го очекуваат пристигнувањето на американскиот претседател Доналд Трамп. Пазарите реагираат на ескалацијата на тензиите меѓу САД и Европската унија околу Гренланд, со зголемена побарувачка за „безбедни засолништа“ и растечки страв од нов бран царини.

Во текот на денот, цената на златото ја надмина границата од 4.800 долари за унца, што претставува уште еден рекорд, додека инвеститорите се повлекуваат од поризични вложувања и бараат заштита од геополитичката и трговската неизвесност. Среброто исто така забележа раст, со пораст од 0,44 проценти, достигнувајќи цена од 95,055 долари.

Растот на благородните метали доаѓа во време кога САД и ЕУ влегуваат во отворен судир поради изјавите и плановите на Трамп поврзани со Гренланд. Американскиот претседател неодамна одби јасно да одговори до каде е подготвен да оди за да го оствари својот план, а Вашингтон не ја исклучи ниту можноста за воена интервенција. Истовремено, САД најавија дополнителни царини за осум европски земји доколку не ги прифатат американските барања.

По рекордната 2025 година, аналитичарите и понатаму остануваат оптимисти за движењето на цената на златото и во 2026 година. Пониските каматни стапки во САД, слабеењето на доларот и континуираното зголемување на златните резерви од страна на централните банки се клучните фактори што го поддржуваат овој тренд. Кога доларот ја губи својата вредност, златото станува поевтино за странските купувачи, што ја зголемува побарувачката и дополнително ја турка цената нагоре.

Инвеститорите, исто така, сметаат дека следниот претседател на Федералните резерви, кој ќе го наследи Џером Пауел по истекот на неговиот мандат во мај, ќе има поблаг став кон монетарната политика и ќе се фокусира повеќе на намалување на каматните стапки отколку на агресивна борба со инфлацијата. Кандидатот ќе биде номиниран токму од Трамп, кој во изминатиот период јавно го критикуваше Пауел за претпазливиот пристап.

Иако централните банки постепено ја намалуваат зависноста од американскиот долар во корист на златото, експертите нагласуваат дека доларот сè уште нема да ја изгуби улогата на глобална резервна валута во блиска иднина. Тој и понатаму сочинува околу 57 проценти од вкупните девизни резерви на централните банки, иако постои ризик од постепено еродирање на таа позиција доколку американските политики продолжат да внесуваат нестабилност.

Аналитичарите од ING оценуваат дека доларот има простор за краткорочно закрепнување, посочувајќи дека неговиот пад претходниот ден бил поврзан со нестабилноста на јапонскиот пазар на обврзници и со стравувањата дека европските инвеститори би можеле да почнат да ги продаваат американските државни хартии од вредност. Според нив, со заминувањето на Трамп во Давос, можно е привремено смирување на тензиите околу Гренланд и намалување на притисокот врз доларот.

Во меѓувреме, Dollar Index, кој ја следи вредноста на доларот во однос на шест други валути, порасна за помалку од 0,1 процент, откако претходниот ден забележа пад.

На европските берзи, денот повторно помина во црвено. Францускиот CAC 40 падна за 0,18 проценти, германскиот DAX за 0,68 проценти, а шпанскиот IBEX 35 изгуби 0,53 проценти. Италијанскиот FTSE MIB се намали за 0,68 проценти, британскиот FTSE 100 за нешто помалку од 0,1 процент, додека поширокиот STOXX Europe 500 забележа пад од 0,35 проценти.

Пред отворањето на берзите во САД, фјучерсите покажаа умерен оптимизам: S&P 500 порасна за 0,34 проценти, Dow Jones за 0,13 проценти, а Nasdaq за 0,19 проценти, што укажува на неизвесен, но внимателно оптимистички почеток на тргувањето преку Атлантикот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни