ИФФК „Браќа Манаки“,

Златната камера 300 за животно дело му беше врачена на легендарниот кинематографер Дариус Конџи

Останав без зборови. Ви благодарам бескрајно. Среќен сум што сум во Битола да ја примам оваа прекрасна награда и сакам да и ја посветам на мојата сопруга Мариен за целата нејзина поддршка,

Од Техеран и Париз, преку Њујорк, па сè до Битола – вчера вечер филмската историја се поклони пред еден човек чија камера ја обликуваше имагинацијата на генерации филмофили.

Во амбиентот на Пионерски дом во Битола, на свеченоста во чест на лауреатот на 46. издание на ИФФК „Браќа Манаки“, Златната камера 300 за животно дело му беше врачена на легендарниот кинематографер Дариус Конџи.

Наградата му ја врачи министерот за култура и туризам Зоран Љутков, во присуство на бројни гости и на градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој на Конџи му подари уметнички сувенир од градот.

„Останав без зборови. Ви благодарам бескрајно. Среќен сум што сум во Битола да ја примам оваа прекрасна награда и сакам да и ја посветам на мојата сопруга Мариен за целата нејзина поддршка,“ изјави Конџи.

Од култниот Seven на Дејвид Финчер, до поетиката на Amour на Михаел Ханеке, од визуелната магија на Midnight in Paris на Вуди Ален, до енергичните Uncut Gems на браќата Сафди – кадрите на Конџи се учебник за современата кинематографија.

Директорот на фестивалот Димитрија Доксевски истакна дека е голема чест токму годинава наградата за животно дело ‘Златна камера 300’ да му биде врачена на Дариус Конџи. Според него, ова признание не е само дел од историјата на фестивалот, туку и од историјата на светската кинематографија, бидејќи името на Конџи отсекогаш стоело рамо до најголемите режисери и филмови на нашето време.“

Мал е бројот на кинематографери во светот кои соработувале со толку големи мајстори на филмот и притоа создавале дела што се постулат на модерната филмска уметност. Затоа, вечерва Битола уште еднаш докажа дека знае да ја препознае и да ја чествува вистинската големина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни