Златна малина: кои се „најдобрите“ меѓу најлошите филмови на годината

Пародичните филмски награди повторно ги издвојуваат најголемите холивудски промашувања, од скапи римејкови до изненадувачки актерски разочарувања.

Објавени се номинациите за Златната малина, пародичната филмска награда што секоја година ги „наградyва“ најлошите остварувања во филмската индустрија. Овојпат, на врвот на листата се најдоа играната верзија на Snow White и новата адаптација на War of the Worlds, кои водат со по шест номинации и се сметаат за главни фаворити за титулата најлош филм на годината.

Покрај нив, за најлош филм се номинирани и The Electric State, Hurry Up Tomorrow и Star Trek: Section 31, што покажува дека ниту големите франшизи, ниту високите буџети не се гаранција за критички успех.

Во актерските категории, вниманието го привлече The Weeknd, кој е номиниран за најлош актер поради улогата на фиктивна верзија од самиот себе во „Hurry Up Tomorrow“. Негови конкуренти се Dave Bautista, Ice Cube, Scott Eastwood и Jared Leto.

Во категоријата за најлоша актерка се најдоа Ariana DeBose, Milla Jovovich, Natalie Portman, Rebel Wilson и Michelle Yeoh, што ја прави оваа категорија една од најизненадувачките со оглед на претходните успеси и награди на дел од номинираните.

Посебно внимание привлекува и категоријата за најлоша актерска комбинација, каде меѓу номинациите се најдоа седумте дигитални џуџиња од „Snow White“, комбинацијата на James Corden и Rihanna во „Smurfs“, како и Ајс Кјуб и неговата Zoom-камера во „War of the Worlds“. Меѓу најироничните номинации е и онаа за The Weeknd и „неговиот огромен его“.

Добитниците на 46-тото издание на Златната малина ќе бидат објавени на 14 март. До тогаш, оваа саркастична награда останува сатиричен потсетник дека Холивуд, покрај престижот и гламурот, знае и јавно да се соочи со сопствените промашувања.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни