Традиционалниот концерт на наградените учесници од натпреварот „Охридски бисери“, кој е составен дел од програмата на фестивалот „Златна лира“, повторно ќе го претстави уметничкиот потенцијал на најистакнатите млади музичари од земјата.
Овој концерт претставува вредна традиција и значаен дел од мисијата на „Златна лира“ – да создава континуитет меѓу музичката едукација и професионалната уметничка сцена. Преку овој настап, младите добитници на наградата на Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ) добиваат ретка можност својот талент и уметност да ги претстават на концертен подиум рамо до рамо со веќе афирмирани уметници, отворајќи го патот кон нивниот понатамошен професионален развој.
Меѓународниот натпревар „Охридски бисери“, основан во 2002 година, е единствениот македонски натпревар кој е член на Европската асоцијација на музички натпревари (EMCY). Со своите високи критериуми, интернационално жири и награди што ги поттикнуваат младите кон уметнички раст, тој претставува клучна платформа за откривање и поддршка на музички таленти.
Програма:
19:00 часот
ЃорѓиДимовски – саксофон
МајаБожиновска – пијано
Роберт Муцински, Роже Бутри, Томислав Зографски, Александар Глазунов, Алфред Дезанкло
20:00 часот
АндрејШаклев – пијано
Ј. С. Бах / Ф. Бузони, Фредерик Шопен, Сергеј Рахмањинов
Ѓорѓи Димовски (2004) своето музичко образование го започнува во родната Битола, во класата на Боби Коминовски, а го продолжува кај Горан Трајковски. Во моментов е студент на Факултетот за музичка уметност во Скопје (класа на Нинослав Димов). Добитник е на повеќе државни и меѓународни награди, меѓу кои четири први награди на државниот натпревар во Скопје (една од нив специјална), прва награда на меѓународниот натпревар „Охрид, те сакам“, како и први награди на натпреварите „Стеван Мокрањац“ (Србија), „Саксклар“ и „Охридски бисери“, каде што завршува како највисоко рангиран македонски изведувач.
Настапувал и како лауреат на меѓународниот натпревар во Лариса, Грција. Соработувал со Македонската филхармонија, Камерниот и Дувачкиот оркестар од Битола, а неговите настапи вклучуваат повеќе европски земји. Учествувал на семинари со реномирани саксофонисти како Никита Зимин, Асја Фатеева, Драган Сремец и други.
Маја Божиновска дипломира на Факултетот за музичка уметност – Скопје (класа на Тодор Светиев), а магистерските студии ги завршува на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена, под менторство на пијанистката Лилја Зилберштајн. Своето образование го надградува на мастеркласи со познати пијанисти како Роберт Лербаумер, Ендре Хегедуш и Алексеј Володин. Како солист и камерен музичар настапува на фестивалите „Денови на македонска музика“, „Златна лира“, „Шопенова вечер“ и други, како и во Франција, Италија, Србија, Турција и Косово. Во 2023 година со Velkro Piano Trio го издава албумот со дела на Јоханес Брамс, достапен на сите дигитални платформи. Од 2015 година е наставник во Државното музичко училиште во Битола.
Андреј Шаклеве македонски пијанист кој живее и работи во Италија, каде што предава на Конзерваториумот во Сасари. Студирал во Италија (Трст и Имола), на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена, на Моцартеумот во Салцбург и на Royal College of Music во Лондон, каде што бил целосно стипендиран. Добитник е на бројни награди на меѓународни натпревари, меѓу кои „Охридски бисери“ (Македонија), „88 Keys“ (Шпанија) и „World Piano Meeting“ (Португалија), како и повеќе признанија во Италија. Одржал рецитали низ Европа и настапил со Филхармонискиот оркестар „Das Beiras“ во Португалија, а член е и на жирито на натпреварот „Лист“ во Гротамаре, Италија.
Влезот на концертот е слободен.
