Тино и Атанас на Бубамара: „Ќе зборуваме само за убави работи, како премиерот”

На 29. издание на „Златна бубамара на популарноста” динамичното дуо испорача политичка сатира со директни удари по апсолутната власт. Вечерта ја обележаа и емотивните моменти на Игор Џамбазов за жртвите од Кочани.
??????????????????????

Синоќа, на 26 февруари, во спортскиот центар „Борис Трајковски” во Скопје се одржа 29. издание на „Златна бубамара на популарноста” под мотото „Апсолутна власт, апсолутна забава”. Актерите Тино и Атанас повторно ја презедоа водителската улога и за три и пол часа ја насмеаа преполната сала со политичка сатира насочена директно кон македонскиот политички врв.

„Шегите ни се монтирани, другите ги пишуваат”

Тино и Атанас се појавија на сцената еден час по почетокот и веднаш го поставија тонот на вечерта. Нивниот настап беше исполнет со директни политички шеги со конкретни имиња и препознатливи ситуации. „Шегите ни се монтирани, другите ги пишуваат, сите се крадени, да се оградиме однапред за сè што ќе кажеме вечерва, но и да се извиниме за сè што кажавме минатата година”, изјавија тие на почетокот, во стилот на добро познатото македонско самоцензурирачко лицемерство. Главна мета беше концентрацијата на власта, а насловниот цитат за „зборување само за убави работи” предизвика бурна реакција во салата.

Тони Зен, брејкери и Red Bull амбасадори: настап кој долго ќе се памети

За прв пат во Македонија настапија врвни, светски познати танчери и брејкери, воедно и амбасадори на Red Bull, кои специјално дојдоа во Скопје за да застанат на сцената на „Златна бубамара” заедно со легендарниот Тони Зен, во изведба на неговиот хит „Сум”. Во четириминутна, моќна и прецизно синхронизирана кореографија успеаја да ја подигнат енергијата во салата на сосема ново ниво. Танчерите доаѓаат од три различни држави, Франција, Венецуела и Австрија, а токму таа културна разновидност создаде неверојатна спојка на сцената, оставајќи силен печат на 29. издание на манифестацијата.

Емоции за Кочани и отсутен Сашко Коцев

Настанот не беше само смеа. Игор Џамбазов го скрши срцето на публиката со воведот „Ова ќе биде една од најтажните Бубамари досега… Кој ни ги уби ангелите од Кочани?”, посветувајќи дел од програмата на трагедијата со загинатите млади. Вечерта ја обележа и отсуството на традиционалниот водител Сашко Коцев, кој подоцна јавно се огласи дека бил „премногу зафатен”. Интернационалниот дел го обезбедија британската соул и диско група „Делегејшн”, која ја крена салата на нозе.

Игор Џамбазов

Сатирата е жива, власта е на тапет

„Златна бубамара” веќе 29 години функционира како неофицијално огледало на македонското општество. Во моментите кога медиумите чекорат по тенок мраз, сцената сè уште си дозволува да каже она што многумина го мислат. Оваа година мотото „Апсолутна власт, апсолутна забава” не остави сомнеж за тоа чија адреса ја таргетира хуморот.

Следното издание?

Манифестацијата продолжува да расте со меѓународни имиња и голема публика, но вистинскиот тест останува: дали ќе може и понатаму слободно да ги именува оние на власт, или и таа ќе почне да зборува само за убави работи.

фото: Трн

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни