Златко Панзов за преводот на „Заробеништво“ ја доби наградата „Драги“

Лингвистот, преведувач и лектор Златко Панзов ја доби наградата „Драги“ за најдобар книжевен превод на македонски јазик за преводот од унгарски јазик на „Заробеништво“ од Ѓерѓ Шпиро во издание на издавачката куќа „Артконект“. Одлуката ја донесе комисијата за доделување на наградата во состав: Јана Михајловска, Лидија Капушевска-Дракулевска и Милан Дамјановски. Покрај Панзов, во конкуренција за наградата беа и финалистите Анастасија Ѓурчинова, Иван Шопов, Љубица Арсовска и Никола Ѓелинчески.

Романот „Заробеништво“ од современиот унгарски поет, прозаист, драмски автор и есеист Ѓерѓ Шпиро е мошне комплексен историско-авантуристички роман сместен во времето на Римското царство од добата на Јулио-Клавдиевската династија во 1. век од новата ера. Младиот Евреин Ури, по низа околности, ќе се најде вплетен во клучните настани од тој период и тоа во хронотопската тријада: Рим – Ерусалим – Александрија. Како ликови, во романот, меѓу другите, циркулираат и Калигула, Понтиј Пилат, Исус.

– Панзов успешно се справил со предизвиците на преведувањето и сосема солидно го пренел историскиот, нималку лесен, дискурс во духот на македонскиот јазик. Преводот на ова волуминозно дело, и по обем, и по содржина, несомнено, изискува голем труд, посветеност и истражувачка работа. Дијалозите се спонтани, а драматичното преплетување на историските факти и фикцијата, во симбиоза со психологијата на главниот лик, нудат несекојдневно читателско искуство – пишува во Одлуката.

На истиот состанок, Комисијата за доделување на наградата „Драги“ едногласно реши да му се додели и специјална признание-плакета на Никола Ѓелинчески за продолжување на преведувачката традиција и креативниот дух на Драги Михајловски. Признанието му се доделува за неговиот превод од шпански јазик на „Претпесни на постшпански и други песни“ од Хорхенрике Адум во издание на „Алеф публикации“.

– Предизвикот со кој се соочува преведувачот е поезија која ги надминува вообичаените рамки на еден јазик низ зборовни игри, неологизми, јукстапозицијата на неколку различни општествени и културни регистри одеднаш, оттаму и епитетот пост-шпански во самиот наслов на изданието кое ги претставува најважните збирки песни на овој еквадорски поет, но и доајен на модерната шпанска поезија. Ѓелинчески храбро и бескомпромисно ја продолжува традицијата на преводот како метакреација и со тоа придонесува за збогатување на македонскиот јазик. Нешто за што Драги Михајловски беше ненадминат мајстор, но и учител кој својот креативен дух им го пренесе на новите генерации чиј претставник е Никола Ѓелинчески – заклучува жирито.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни