Театар „Златен Елец“ одбележува шест години од своето постоење со нова изведба на претставата „Хинкеман“ (Hinkemann), која ќе се одигра на 28 февруари 2026 година, со почеток во 19 часот, во сала „Фросина“ во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје. Билетите се достапни преку tix.mk.
Претставата е работена според експресионистичката анти-воена драма „Der deutsche Hinkemann“ (1923) од германскиот автор Ернст Толер. Режијата и адаптацијата ги потпишува Тамара Стојаноска, која заедно со Бобан Алексоски стои и зад преводот и авторските текстови. Музиката е на Лука Тошев, сценографијата ја креира Стојаноска, а дизајнот на постерот и рекламниот материјал е на Бојана Цилевска.
Претставата е копродукција на Театар „Златен Елец“, „Млад Отворен Театар“ (МОТ) и МКЦ Скопје.
Во актерската екипа се Бобан Алексоски, Надица Петрова / Талија Настова, Филип Христовски / Дритон Вејсели, Ане Блажовски, Леонида Гулевска и Бранко Михајлоски.
„Хинкеман“ ја отвора темата на војната и нејзините последици врз поединецот и општеството. Главниот лик, Јуџин Хинкеман, е воен ветеран кој се враќа дома физички и психички ранет. Неговиот лик станува симбол на оние кои се оттурнати од системот во моментот кога повеќе не се „корисни“ – како работна сила или економска вредност.
Претставата го истражува феноменот на социјална стигматизација, булинг и јавна виктимизација. Хинкеман, оттурнат и исмејуван, е принуден да работи во циркуски „freak show“, претворајќи ја сопствената траума во јавен спектакл. Делото поставува прашања за мажественоста, стереотипите и суровоста на општеството кон различноста.
Во режисерската белешка, Тамара Стојаноска посочува дека текстот на Толер и денес силно одекнува, отворајќи дилема дали суштински нешто се менува во длабочината на човечкото однесување. Претставата е критика на војната како постојан, цикличен феномен и на системите на моќ што ги маргинализираат најранливите.
Јубилејната изведба доаѓа во момент кога Театар „Златен Елец“ одбележува шест години активна работа на независната сцена, со фокус на современ театар, социјално ангажирани теми и копродукциски соработки.