Животниот век во Соединетите Американски Држави во 2024 година достигна 79 години, што претставува највисоко ниво досега, покажуваат најновите податоци објавени од Centers for Disease Control and Prevention (CDC).
Според здравствените експерти, овој раст е резултат на целосното повлекување на пандемијата на ковид-19, но и на континуираното намалување на смртноста од водечките причини за умирање во земјата како срцеви заболувања, рак и прекумерна употреба на дроги.
„Речиси сè во овие податоци е добра вест“, изјави Роберт Андерсон од Националниот центар за здравствена статистика при CDC, кој ги презентираше бројките.
Закрепнување по пандемијата
Животниот век е еден од клучните индикатори за здравјето на населението и претставува проценка на просечниот број години што би ги живеело бебе родено во одредена година, доколку важат актуелните стапки на смртност.
Во САД, овој показател со децении бележеше постепен раст благодарение на медицинскиот напредок и мерките за јавно здравје, достигнувајќи врв во 2014 година, со нешто помалку од 79 години. Потоа следуваше период на стагнација, по што животниот век драматично се намали за време на пандемијата, кога од ковид-19 починаа повеќе од 1,2 милиони Американци.
Во 2021 година, просечниот животен век падна на нешто помалку од 76,5 години, но од тогаш наваму повторно бележи континуиран раст.
Намалување на смртноста од водечките болести
Податоците покажуваат дека во 2024 година починале околу 3,07 милиони луѓе, што е за околу 18.000 помалку од претходната година. Смртноста е намалена кај сите расни и етнички групи, како и кај мажите и жените.
Срцевите заболувања и понатаму се водечка причина за смрт во САД, но стапката на смртност од нив е намалена за околу 3 проценти, втора година по ред. Според докторката Садија Кан од Универзитетот Нортвестерн, ова е резултат на подобрени терапии, превенција и подобро управување со телесната тежина.
Најголем пад е забележан кај смртните случаи од ненамерни повреди, категорија која вклучува и предозирања со дроги, со намалување од над 14 проценти. Ковид-19, кој пред неколку години беше трета водечка причина за смрт, во 2024 година веќе не се наоѓа меѓу првите десет.
И покрај позитивниот тренд, експертите предупредуваат дека САД и понатаму заостануваат зад голем број развиени земји.
„Има уште многу простор за напредок“, вели истражувачот Ендру Стоукс од Универзитетот Бостон.
За споредба, според прелиминарните податоци за 2024 година, животниот век при раѓање во Европската Унија изнесува 81,7 години, што е речиси три години повеќе отколку во САД.
Охрабрувачки сигнали и за 2025 година
Иако конечните податоци за 2025 година сè уште не се целосно обработени, прелиминарните бројки укажуваат на околу 3,05 милиони починати, што би значело уште едно благо подобрување во однос на претходната година.
Здравствените власти очекуваат трендот на раст на животниот век да продолжи, но нагласуваат дека долгорочниот напредок ќе зависи од справувањето со хроничните болести, нееднаквоста во здравствената заштита и менталното здравје.
