Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, во рамките на програмскиот сегмент „Зимски МакеДокс“, организира проекција на документарниот филм „Тата“ на режисерите Лина Вдови и Раду Чорнициу. Проекцијата ќе се одржи на 11 февруари, во 20 часот, во киното „Фросина“ при Младинскиот културен центар во Скопје.
Филмот „Тата“ (Романија / Германија / Холандија, 2024, 84 минути) ќе биде проследен со дискусија со режисерите и со експерти на темата. Влезот на проекцијата е слободен.
Документарецот ја следи приказната на Лина, молдавска новинарка, која по години отуѓеност добива видеопорака од својот татко, мигрантски работник во Италија, на која се забележуваат модринки на неговите раце. Со скриена камера, таа започнува лична и истражувачка потрага низ Италија, Молдавија и Романија. Филмот обработува семејни односи и генерациски обрасци на насилство.
Режијата, сценариото и камерата се на Лина Вдови и Раду Чорнициу. Монтажата ја потпишуваат Ана Фабини, Андреј Горган, Ципријан Цимпои и Делија Онига, звукот е на Хуго Дијкстал, а музиката на Јерг Фолерт. Филмот е реализиран во продукција на „Манифест филм“, во копродукција со „Корсо филм“.
По проекцијата е предвидена јавна дискусија со авторите и гости експерти, во рамките на програмата „Зимски МакеДокс“.
