Силната зимска бура што ја зафати територијата на Соединетите Американски Држави не стивнува и предизвикува сериозни проблеми во сообраќајот и енергетскиот систем. Над 1.200 авионски летови се откажани, а стотици илјади граѓани останаа без електрична енергија, јавува Bloomberg.
Обилни снежни врнежи се регистрирани во повеќе сојузни држави, при што делови од Северна Каролина забележаа двоцифрени количества снег – и во внатрешноста и долж крајбрежјето.
Според Националната метеоролошка служба на САД, иако се очекува слабеење на снежните врнежи, временските услови и понатаму се тешки. Метеоролозите најавуваат дека бурата ќе се засили над Атлантикот, но најсилните ефекти ќе останат над отворено море.
СТОТИЦИ ИЛЈАДИ БЕЗ СТРУЈА
Енергетската компанија Duke Energy, со седиште во Северна Каролина, ги повика граѓаните да ја намалат потрошувачката на електрична енергија во утринските часови со цел да се избегнат дополнителни прекини.
Прекините во снабдувањето со струја сè уште траат во делови од југот на земјата, каде што мразот од претходната бура урнал далекуводи. Според официјалните податоци, околу 178.000 домаќинства и деловни објекти во неколку држави моментално се без електрична енергија.
ХАОС ВО АВИО-СООБРАЌАЈОТ
Проблемите во воздушниот сообраќај продолжуваат низ целата земја. Меѓународниот аеродром „Шарлот Даглас“ пријави најголем број откажани летови, што дополнително ги отежнува патувањата и ги погодува илјадници патници.
