Зимата повторно се враќа во Македонија и на Балканот. Според најновите прогностички материјали, од 17 март следува значително заладување на времето, проследено со почести и повремено пообилни врнежи.
Метеоролозите најавуваат дека регионот ќе биде под влијание на значително постуден воздух кој ќе продира од север, што ќе доведе до осетен пад на температурите во повеќе делови од Балканот, вклучително и во Македонија.
Со продорот на студената воздушна маса се очекуваат врнежи од дожд во пониските предели, додека на планините тие ќе бидат од снег. Поради значителното заладување, на планинските места ќе се формира и снежна покривка.
Во исто време, се очекува и спуштање на снежната граница. Наместо само на високите планини, снег е можен и на височини под 1000 метри надморска височина. Во одредени ситуации, особено при поинтензивни врнежи и пад на температурите, не е исклучена и појава на снег во некои населени места со пониска надморска височина.
Овој временски пресврт доаѓа по релативно стабилен и потопол период, што значи дека временските услови повторно ќе потсетат на зима.
Според прогнозите, ова е уште еден доказ дека зимата сè уште не го кажала последниот збор на Балканот. Иако календарски се приближува пролетта, доцни зимски продори на студен воздух и понатаму се можни во март, па дури и во почетокот на април.