Зимата утрово пристигна во цела Северна Македонија, со ниски температури, снег и дожд во повеќе региони. Најстудено е на Попова Шапка, каде што се измерени –4 степени Целзиусови, а снежната покривка достигна 31 сантиметар.
Температурите под нулата се забележани и во Куманово (–3), додека –1 степен е измерен во Скопје-Петровец, на Зајчев Рид и во Маврови Анови. Со нула степени утрово осамнаа Крива Паланка, Штип, Велес и Крушево. Во Тетово, Охрид и Виница се измерени 1 степен, додека најтопло било во Гевгелија со 7 степени.
Најмногу врнежи од дожд во изминатите 24 часа се регистрирани во Крушево – 55 литри на метар квадратен. Следуваат Охрид со 52, Претор со 48, Маврови Анови со 39 и Пожаране со 35 литри на метар квадратен. Значителни количини дожд се измерени и во Битола, Тетово, Прилеп и Попова Шапка.
Покрај Попова Шапка, снежна покривка е евидентирана и во Крива Паланка, каде што снегот достигнал до 2 сантиметри.
Според најавите, денеска времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од снег, а во пониските места од дожд и снег. Ќе дува умерен, а наместа повремено засилен ветер од северозападен правец, со брзина над 60 километри на час. Максималните дневни температури ќе се движат од 1 до 8 степени.
Во Скопје се очекува променлива облачност, претпладне со повремени врнежи од снег и умерен до засилен северен ветер. Максималната температура во главниот град ќе достигне до 2 степени.
