Денес, целата територија на државата се наоѓа во жолта предупредувачка фаза поради нови обилни врнежи од дожд, проследени со засилен јужен ветер и услови за локална појава на грмежи. На одредени места овие процеси може да преминат во силно локално невреме.
Македонија повторно е под влијание на циклонска активност со центар над Медитеранот, што предизвикува нестабилно време и интензивни врнежи. Локално, за само 24 часа може да наврнат над 30 литри дожд, што значително го зголемува ризикот од излевања и локални поплави.
И Скопје денес ќе биде зафатено од нов бран дожд, кој во делови од денот ќе биде пороен, придружен со засилен јужен ветер.
Со продор на поладна воздушна маса од север, на планините над 1500 метри надморска височина, дождот ќе преминува во снег, со можност за формирање на нова снежна покривка.
Поради најавените врнежи, повторно растат условите за покачување на нивоата на реките и езерата. Граѓаните, особено возачите, се повикуваат на максимално внимание, со апел да избегнуваат движење покрај водотеци, бидејќи новите обилни врнежи може да предизвикаат нови поплавувања.
