Таа е прогласена за витешки член на Легијата на честа на списокот објавен во пресрет на Денот на Бастиља – францускиот национален празник. Пелико доброволно се откажа од правото на анонимност за време на судењето на нејзиниот сопруг Доминик Пелико, кој речиси деценија ја дрогирал и силувал, а во нејзиниот дом доведувал десетици мажи кои ја злоставувале додека била во безсознание.
Судењето траеше неколку месеци, а Жизел секојдневно присуствуваше во судницата. Минатиот декември Доминик Пелико беше осуден на максималната казна од 20 години затвор, по што призна дека довел околу 50 мажи да ја силуваат сопругата.
„Сакам секоја жена која претрпела силување да може да каже: Госпоѓата Пелико успеа, можам и јас“, изјави Жизел за новинарите. Таа нагласи дека сака срамот конечно да се префрли од жртвите врз насилниците.
Францускиот претседател Емануел Макрон јавно ѝ оддаде признание, нарекувајќи ја вистинска хероина, а нејзиното „достоинство и храброст“ ги нарече инспирација за цела Франција и светот.
Почетокот на следната година се очекува објавување на автобиографската книга на Пелико, во која таа сопствените трауми ќе ги раскаже со свои зборови.