Доминик Пелико е осуден на максимална казна од 20 години затвор поради континуирано силување на својата сопруга Жизел и за канење и снимање на уште десетици мажи како ја силуваат додека таа е во бесознание. Ова е денешната одлука на Судот од Авињон по тримесечното судење што ја потресе француската, но и светската јавност.
Судот утврдил вина и кај најмалку 20 од другите 50 мажи коишто во изминатите три години прифатиле да имаат сексуални односи со Жизел, иако знаеле дека таа е дрогирана и дека го прават тоа без нејзина согласност.
Жените во гратчето Мазан, но и во Франција и во целиот свет ја слават Жизел Пелико како хероина, бидејќи имаше храброст не само да го истурка процесот до крај, туку и да го направи тоа јавно, не криејќи го својот идентитет и лик, за да им изрази поддршка на сите жртви на семејно насилство и силувања, како и да ги охрабри сите жени цврсто да им се спротивстават на своите мачители.
Доминик Пелико (72) уште на почетокот од процесот ја прифати вината за сите обвинувања. На клупата за обвинети беа уште 50 мажи, од вкупно 72 што ја силувале Жизел. Обвинителството бараше максимална казна од 20 години затвор за Доминик, наведувајќи дека „тоа е премалку за злосторството што го направил, но најмногу што може во рамките на законот“.
За другите силувачи беа побарани казни од 4 до 18 години затвор. Меѓу нив има мажи од многу возрасти, професии и социјални статуси – камионџии, војници, пожарникари, чувари, продавачи, еден новинар и невработени лица. Најмладиот бил на возраст од 22 години, а највозрасниот сега има 76 години. Многумина од нив имаат семејства и деца, а речиси сите живеат во радиус од 50 километри од домот на жртвата, односно од местото на злосторството.
Некои од обвинетите се жалеа дека „мислеле дека се дел од сексуална игра“ и дека „верувале оти Жизел Пелико е согласна за сексуалните односи“, но првообвинетиот Доминик изјави дека баш на сите им ја објаснил ситуацијата и тие всушност знаеле дека ја силуваат неговата сопруга.
Наместо прошката што ја побара Доминик, Жизел Пелико побара најсурова можна казна за својот сопруг.