Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, денеска изјави дека повеќе од половина милион луѓе го напуштиле главниот град на Украина, откако тој јавно ги повика граѓаните привремено да се преселат поради интензивните руски напади врз клучната енергетска инфраструктура.
Според неговите зборови, околу 600.000 жители го послушале повикот од 9 јануари наваму, кога напади со дронови и ракети предизвикаа прекини во снабдувањето со струја, вода и греење во големи делови од градот, додека температурите се спуштија до минус 20 степени Целзиусови, пренесува АФП.
Нагло намалена популација
Во интервју за АФП, за време на кое се огласија сирените за воздушна опасност, Кличко истакна дека бројот на жители во Киев значително се намалил.
„Не секој има можност да го напушти градот, но во моментов популацијата е очигледно помала“, изјави тој, појаснувајќи дека околу 600.000 луѓе се иселиле од град кој пред војната имал околу 3,6 милиони жители.
„Температурата е -20, а Путин го користи тоа“
Кличко нагласи дека екстремниот студ дополнително ја влошува ситуацијата.
„Температурата е речиси минус 20, а Путин го користи тоа за да го скрши отпорот, да внесе депресија и да создаде напнатост во општеството“, рече тој, повторно повикувајќи ги граѓаните кои имаат алтернативно сместување привремено да го напуштат Киев, со цел да се намали притисокот врз енергетската мрежа.
Постојани напади врз инфраструктурата
Во руските напади од 9 јануари, околу половина од сите станбени згради во Киев – приближно 6.000 објекти – останале без греење. Оттогаш следеле уште неколку напади од големи размери, вклучувајќи и еден во текот на ноќта пред интервјуто, поради кој стотици илјади луѓе повторно останале без струја, вода и греење.
Долгите прекини во снабдувањето со електрична енергија станаа секојдневие уште од 2022 година, кога руските сили почнаа систематски да ја гаѓаат украинската енергетска инфраструктура. Некои жители велат дека струја имаат само еден или два часа дневно – ако воопшто ја има.
Новинарите на АФП известуваат дека бројни продавници и ресторани се затворени поради недостиг на електрична енергија, семафорите не функционираат, а јавното осветлување навечер е исклучено во делови од градот.
„Се бориме да преживееме“
„Замислете како е кога немате струја, немате вода дома, не можете да се истуширате, радијаторите се ладни. Ситуацијата е исклучително критична“, рече Кличко.
Тој додаде дека градските власти се борат да обезбедат основни услуги за граѓаните – греење, вода и струја – во услови на постојани напади.
Кличко, кој е градоначалник од 2014 година, се соочи и со критики од кабинетот на претседателот за начинот на кој градот реагирал на кризата. Според него, единствено трајно решение би било изградба на целосно нов енергетски систем, но тоа е невозможно додека трае војната.
Ниските температури и честите воздушни тревоги дополнително ги отежнуваат поправките, бидејќи работниците постојано мораат да се засолнуваат. „Во моментов, сè зависи од противракетните системи“, заклучи Кличко.
