Дали се сеќавате кога последен пат изгледавте претстава, концерт, шоу без да го гледате низ екранот на вашиот мобилен телефон? Дали се сеќавате кога последен пат уживавте во зајдисонцето без да правите милион фотографии од него? Дали се уште пиете кафе во тишина и уживате во своето друштво или гледате во екранот и проверувате колку луѓе го погледнале вашето последно “стори“, „рил“ или објава? Дали се сеќавате кога последен направивте фотографија и не броевте колку луѓе ја „лајкнале“ истата?
Плаќаме пари за да го видиме нашиот омилен пејач само за да не го гледаме и да уживаме во атмосферата, туку да го снимиме со телефоните за да постираме на социјалните мрежи. Колку е само тажно тоа. Одиме на одмор и пропуштаме да ја видиме убавината околу нас затоа што се трудиме да ја направиме совршената фотографија. А забораваме дека тоа што човечкото окото може да го види телефонот никогаш нема да може да го долови.

Но ете сме. Илјадници луѓе застанати со телефоните, едната страна позира, другата е фотографира. Нашите одмори, прошетки, излети, дружба со саканите се претворија во „професионални“ фотосесии и желба да се претстави нашиот живот како совршен на социјалните мрежи. Но животот не е Инстаграм, нели? За жал, за се поголем дел од луѓето е. Твојата другарка „инфлуенсерка“ повеќе не те вика со неа за да се видите и да си кажете што имате. Те вика за да ја фотографираш и тоа не еднаш, двапати… туку по илјадити пат затоа што сликата не е совршена.
Одите на одмор и одеднаш ти не си таму за да се одмориш, туку за да се фотографираш. Ако имаш „среќа“ да не си по фотографирањето, но твојот партнер е, тогаш ти стануваш фотограф. Твојот одмор има една и единствена цел, на твојата партнерка/партнер да им ја направиш совршената фотографија. И не се сликате за да имате спомени, туку се сликата за да им покажете на луѓето колку ви е убаво!

Па добро луѓе дали сме нормални?
Повеќе не разговараме меѓу себе. Седиме едни до други и гледаме во нашите телефони. Броиме лајкови и прегледи. Проверуваме по стоти пат дали секое влакно на сликата е на свое место. Мора да биде совршено! А реалноста е дека совршенство не постои. Но постои совршен одмор и тоа благодарание на дечко-генијалец. Претохдната година додека бев на одмор во Египет, ги сретнав најсреќните мажи на светот. Тие за прв пат во својот живот навистина беа на одмор и имаа шанса да одморат од сликање. Како? Дечкото генијалец се имаше сетено да земе професионален апарат со себе и на секоја екскурзија и прошетка низ Египет ја нудеше совршената можност за партнерите да одморат од сликањето на својата девојка/жена. За само 20 евра тие правеа повеќе од 100 фотографии на сите кои сакаа да ја имаат совршената слика на одмор, од карпа, до плажа, до лулашка, до пирамида, камила и така натаму. Верувајте подобра бизнис идеја не сум видела. Ниту еден маж не се мислеше два пати дали да плати за ваква фотосесија. По сликањето на задолжителните неколку слики со својата понежна половина „инстаграм модел“ тие можеа на раат да си го испијат ладното пиво додека друг наместо нив трча по цела плажа и ја фотографира идната „инфлуенсерка“ да бидам. Генијално зар не? Сега повеќе не ти треба дечко за да те слика по одмори и патувања!

За крај ќе ви кажам само едно нешто. И јас сакам да се сликам и јас постирам по илјадници слики. Но она што не го сакам да го правам е да не се оптеретувам дали сликата ќе е совршена, особено ако стои на „стори“ се на се 24 часа и потоа ќе ја снема. Тогаш чуму да мора да биде најдобра резолуција, совршена поза, коса, шминка, облека, итн.?! Па тоа е само слика! Нејзината цел е да те потсети на убав спомен од убав одмор со убаво друштво. Не живејте за Инстаграм, живејте за себе. Многу е поубаво и многу повеќе ќе ви се допадне, ви ветувам. До следната колумна, размислете малку на оваа тема. Вашиот партнер, партнерка, другарка, другар, ДЕТЕ… не се ваш личен фотограф и не се платени да одат по вас и да прават илјадници фотографии. Доволно е одвреме навреме да подзастанете онаму каде ви е убаво местото за слика и да се сликате меѓу себе, а потоа да уживате во одморот. Не заборавајте дека вие сте секако најубави кога не сте совршени. Ова го кажувам во име на сите оние кои еве веќе 5 години не може да ставиме слика ако сме повеќе од 2 другарки на неа, затоа што сите мора да се совршени на истата, а никако не може да се одбере една на која сите се допаѓаат како изгледаат. Ама за секој случај еве бонус совет за ваква ситуација. Сликајте ги чашите на масата и тагнете го друштвото. Чашата не се буни ако не е излезе совршено на слика. Се читаме!