„Животот на Молиер“ низ животот на актерот Дениз: 11 години во ликот на љубовникот

Немаше да постојат „Тартиф“, „Дон Жуан“, „Жорж Данден“, „Скржавец“ и „Учени жени“ ако не постоеше Жан Батист Поклен Молиер, француски писател и артист, еден од најголемите комедиографи на светската книжевност. Но, сепак за „Животот на Молиер“ главен „виновник“ е Михаил Булгаков. Во април 2012 година, на сцената на Македонскиот народен театар, режисерот Александар Поповски го постави делото на тој руски писател и драматург. Денес во 2023 година, по цели 11 години „Животот на Молиер“ важи за најдолго играна претстава која се уште е на репертоарот на МНТ. Цела една деценија актерската и техничката екипа која стои зад „Животот на Молиер“ на секоја изведба гледа како на создавање на ново дело. 13 актери до последен атом на енергија низ 120 минути се претопуваат во ликовите со кои растеле сите овие години.

Дениз Абдула кој 11 години го игра Захарија Моарон, познат актер – љубовник, вели дека најважно е актерот да го засака ликот. Абдула со гордост вели дека и уште сто пати да му се понуди улогата ќе ја прифати. Никогаш до сега не му се случило да има изведба на „Животот на Молиер“ во МНТ, а тој да не е на штиците што живот значат.

фото: Ангел Ангеловски

Го прашавме дали на театарот му требаат претстави со „долг рок“ на траење и дали е тоа добро и за актерите, но и за публиката?

„Животот на Молиер е практичен пример за добра претстава. Публиката ја сака и затоа доаѓа. Веќе 11 години е на репертоар и секоја изведба е пред полна сала исполнета до последно место. Добра претстава живее во кој било театар. Не е важно кој е и каде е театарот, ако има добра поставеност на претставата таа ќе биде играна“, пренесува Абдула додека во мислите му поминуваат сликите од пред цела деценија.

За него градењето на секој еден лик е процес на проучување и истражување. Посочува дека мора длабоко да се навлезе во причините кои го водат ликот да се однесува како што се однесува. Абдула потенцира и колку повеќе една претстава е играна толку повеќе ќе се развива и самиот лик.

„Колку ликот е покомплексен тоа е толку по интригантно за работење. Таквото градење на лик бара да се впуштам во што повеќе анализи и да го проучам ликот. Важно е да знам со што се бави тој лик, што влијае на неговиот карактер и дејствување. Не е важно дали ликот е позитивец или негативец. Како глумци треба да најдеме нешто добро и во најголемиот негативец, бидејќи само таков можеш да го прифатиш. Најважно е ликот да го прифатиш“ – објаснува актерот кој целосно го има прифатено ликот што го игра повеќе од деценија. .  

Дали ликот на Моарон во Молиер, низ овие 11 години, влијаел на животот на Дениз Абдула? „Не, апсолутно не, бидејќи Моарон е многу поразличен лик од мене. Иако беше одамна се сеќавам кога прв пат го прочитав делото ми беше јасно, ми беше јасен ликот. Како дете кое одеднаш влегува во театар каде што прави белја… Потоа се кае за истата, но тоа е… Тој е младо момче кое ги опипува работите околу себе. Сите постапки кои ги прави му се резултат на немањето искуство, но и годините кои ги има во претставата“ – вели Дениз, кој веќе не е младо момче, туку израснат и комплетен актер.  

Како тој го доживува своето растење преку улогата во претставата, Дениз се навраќа години наназад, во студентските клупи:

„Ова е претстава која веќе ја играм полни десет години, воедно е и една од моите први, но и најдраги претстави. Периодот кога се работеше целиот процес за „Животот на Молиер“ јас бев трета година на академија. Навистина и тогаш и сега ми е чест што играм во претстава поставена од Александар Поповски, која воедно чинам е последната негова во Македонија, и штом работите со таков професионалец искуството нема цена. Поповски е одличен режисер кој едноставно не можеш, а да не го разбереш. На почетокот кога ќе биде поставена претставата, ако тоа е добро сработено, после тоа следува само развивање, не може да биде лошо“ – го пренесува искуството Дениз Абдула, во очекување дека и во индина во неговата кариера ќе има претстави со долг век на трање.

И додека актерот ги бараше низ шкафот влажните марамици за да ја избрише потта од лицето со кое го имитираше љубовникот Моарон,  на публиката на Трн и порача дека програмата на МНТ секогаш е предизвикувачка и дека публиката не треба да ја пропушти. Пред заминување кон дома ни ги наброја неговите улоги на театарските сцени и на филмското платно. Неодамна публиката го гледаше во филмот „Снежана на крајот умира“, а претходно играше во „Џган“ и во „Соба со пијано“. Од претставите му ги издвојуваме „Макбет“, „Ромео и Јулија“ и „БААЛ“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни