Како успеваш е едно од прашањата кои често ми ги поставуваат. Како успеваш да постигнеш сè? На „прва“, веројатно одговорот е: Со доза лудило, многу кафе и уште повеќе импровизација.
Она што за другите изгледа како да „стигнувам сè“ — три деца, работа, дополнителна работа, училишни и воншколски активности, факултет, обврски дома и надвор… Крие многу моменти на лудило. Непрочитани пораки на Viber и WhatsApp, заборавени детски родендени, ручеци земени попат, 42 таб отворени на лаптоп и исто толку во глава…Да дали успевам? Веројатно не. Ама и не престанувам да се обидувам.
И да, немам супермоќи. Ниту пак магична формула. И најчесто, не размислувам што сè ме чека денес и како ќе завршам се. Едноставно, станувам и го почнувам денот. Некои денови се подобри и во нив успевам да сместам се. Некои се полоши и ми фалат барем уште 4 часа.
Никогаш не сум имала подготвени „to-do“ листи, ниту табели залепени на фрижидер, па ни органска храна за доручек…немам совршено спремни детски ранци и lunchbox со свежо овошје, ама имам прекрасен утрински хаос со семејство со три деца и мало куче, имам „привилегија“ на време за себе додека возам низ гужвата скопските улици.
Имам по некој аларм, кој најчесто и не знам зошто сум го вклучила. Имам кафиња што ги допивам ладни и по неколку изговори за доцнење. И да, имам едно добро USB со музика во кола, мало бегство од реалноста.
Имам и моќ да пуштам.
Да ги пуштам сите оние работи што не можам да ги завршам за некој ден подоцна. Да ја пуштам вината. Очекувањата. Совршенството. Да кажам понекогаш „НЕ“. Без да се оправдувам.
Најголемата лекција што ја научив последниве години е дека не морам да стигнувам сѐ за да бидам доволна. Дека не мора сѐ да биде совршено за да биде убаво.
И да си земам време за себе во некој дел од денот. Момент без да сум потребна некому затоа што одбира да сум си потребна себе си. И тоа не е себичност. Тоа е самоодржување. Некогаш тоа се моменти кога е доволно да испиеш кафе само се себе во малите топли локали низ градот додека ги чекаш децата да завршат со хип хоп, германски, цртање, балет…Некогаш смеење на телефон со пријателка или само седење во кола десетина минунти подолго.
Во свет што од нас бара да сме „сѐ во едно“, најхрабро е да признаеме дека често ни треба пауза. Простор за себе. Тишина. Разговор. Ни требаат луѓе што не сакаат и во деновите кога не блескаме. Луѓе што ќе нè потсетат дека и кога мислиме дека не сме доволни, сепак сме.Дека убавината да се да се ужива во сите мали моменти во денот кои се убави иако се далеку од совршени.
И тоа е тоа – како успевам? Со смеа. Со солзи. Со план Б, C…Со многу љубов. Со верба дека не морам да завршам сѐ за да бидам совршена.
И дека сè што правам вреди.