Животната средина не чека

Во морето предизвици со кои се соочуваме како земја со низок стандард, лош образовен систем, сиромаштија и ниски можности, фразата ,,скрпување крај со крај” се слуша многу често. Се отуѓуваме и оддалечуваме од најважниот сегмент за нашето живеење – животната средина. Можам да ја видам врската помеѓу исцрпеноста на луѓето, политичарите, системот и нивните антихумани политики, празните ветувања за подобар живот и нискиот стандард. Можеме сите. Прашањето за здрава животна средина е едно од клучните на кои ги градиме принципите за здрава заедница, а сепак, станува прашање на кое најдлабоко потфрламе и преку кое ја покажуваме колективната негрижа. Да се зборува за чистата околина не е прашање на политики во празно и теориски текстови кои ќе поткопаат некакви размисли и ќе останат во фиока, туку прашање на живот или смрт. Секое утро кога ги гледаме статистиките за загадениот воздух, изгорените планини и ѓубрето околу нас. Малку тишина за оваа реченица.

Свесноста за ова како колективно прашање не е нешто кое може да почека и кое може да се размислува откако ќе се решат некои други ,,поприоритетни” прашања и не можам да разберам кога почнавме да го одредуваме како помалку важно на ниво на општество.  Не знам што е поважно од правото да се живее здраво. Немаме многу време да размислуваме за што било друго, ако не можеме да земеме здив без да се искашламе и не можеме да отвориме прозорец во зима. Жално, голем дел од еколошките теми и прашања, исто така се активираат само во овој период, кога проблематичноста ни е практично пред нос.

Мислиш на животната средина кога се бориш за подобар стандард, за вработување, урбанизацијата, здравство, за подобар јавен превоз, за паркови и зеленило и политики кои навидум не го содржат зборот животна средина во нив. Одлучуваш за неа кога гласаш или не гласаш на избори, кога одбираш да отидеш на протест, кога игнорираш или отвораш некаква тема пред семејството дома. Зборувајќи за демократско учество и политичко вклучување во општеството, во оваа средина постои голема амбивалентност, која најитно мора да се менува токму од радикално освестување на фактот дека чистиот воздух, улици, зелените градови и еко-политиките се нешто кое нема да се менува без нашето директно учество и барања како граѓани. Ако не побараме подобро, нема да добиеме, само ќе гледаме како се отуѓуваме од она што треба да е наша средина и наши простори, молчејќи пред ужасот што се случува, како и за многу други прашања.

Животната средина не чека. Не е дека на оваа тема не се пишува и зборува, ама малку се делува. Кога се гледам како граѓанка со своите постапки, кога се вртам и околу себе, ми станува јасно дека единствен начин за подраматична промена е да почнеме да го сфаќаме ова активно граѓанско учество како можеби единствениот и последен начин да направиме нешто за нас. Прашањето за формите на учество во овој контекст се важно прашање, ама ние сме се уште заглавени во токму тоа освестување дека немаме друг избор за да бидеме здрави и да живееме во нешто подобро.

Оттаму, уморот кој луѓето овде го чувстуваат од сè што се случува околу нив во голема мера доаѓа од неспособноста на политичарите, но единственото нешто кое може да се бори против ова е токму нивно драматично вклучување во демократските процеси во градот и земјата. Ова е процес на едукација, нема да се случи од денес за утре. Но навистина е единствено оружје против небулозите, крадењето, злоупотребите и крајната негрижа за јавното добро. Да се биде граѓанин значи да се биде свесен и за обврските и должностите кон општеството кои ги имаме, не е ова само процес во една насока, не смее ниту да биде. Животната средина е првиот пример за нашите должности и обврски во овој контекст, понекогаш чувстувам голема апсурдност во тоа дека се враќаме одново на основните принципи, додека во меѓувреме би требало на ова поле забрзано да се движиме напред. Ова е тоа на кое мислам кога зборувам за чување на земјата, вредностите и принципите. Само од ваква перспектива и инсистирам да зборувам.

Само преку радикално граѓанско учество може да се избориме за подобрување на катастрофите околу нас, друг начин не постои. Некогаш кога пишувам чувстувам таква лутина и безнадежност, несигурност дали воопшто ќе успееме во ова, а друг избор немаме.  Кога и како ќе го направиме, ќе покаже многу за состојбата во која ни се наоѓа општеството, за нашата свесност и спремноста да градиме здрав однос кон себе и другиот. Без ова, џабе ни се сите стратегии, планови, проекции, унии. Ќе се уништиме сами себе со првото отворање на прозорецот во некој зимски месец.

Авторката е културна работничка

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни