Живот со низок јаглероден отпечаток

За да се справиме со климатските промени, многумина од нас треба да ги намалат нашите јаглеродни отпечатоци. Но, како изгледа начинот на живот со низок јаглероден отпечаток – и дали навистина може тоа да се постигне само со нашиот избор?

Како што се приближуваше крајот на 2020 година, Карис Мејнпрајз си постави предизвик заследната година: да ги помине следните 12 месеци живеејќи на два тони јаглерод: количина еквивалентна на околу половина од просечната годишна емисија на бензински автомобил во САД. Тоа не беше лесен предизвик. Мејнпрајз живее во Обединетото Кралство, каде просечната годишна потрошувачка по лице е четири пати поголема од нејзината цел: 8,5 carbon dioxide equivalent (CO2e), мерка што вклучува CO2, метан и други стакленички гасови.

Мејнпрајз, службеничка за комуникации во климатска непрофитна организација, почна да ги истражува јаглеродните отпечатоци на сè што можеше. Таа сакаше да види што ќе биде потребно – и навистина дали е можно – да се живее во Обединетото Кралство со личен јаглероден отпечаток кој е приближно сличен на она што сите ќе треба да го достигнеме во следната деценија за да ги избегнеме најлошите прогнози од климатските промени.

Анкетите покажуваат дека многу луѓе сакаат да учествуваат во климатски акции, но спроведувањето на живот со многу низок јаглероден отпечаток во пракса може да биде тешко: тоа може да значи промена на неколку аспекти од секојдневниот живот, особено за побогатите делови од општеството. Но, експериментите како тој на Мејнпрајз би можеле да ни помогнат и да ни го покажат патот напред за тоа како навистина би можело да изгледа одржливо општество – и промените од поширок размер што ни се потребни за да стигнеме до таму.

Значи, како би изгледал светот ако оние од нас кои моментално испуштаат многу повеќе успеат да ги намалат нивните емисии на побезбедно ниво? На некој начин два тони се произволна бројка. По одредено истражување, Мејнпрајз одлучи дека ќе биде пристојно амбициозна цел. Во својата книга за јаглеродните отпечатоци, Колку се лоши бананите, истражувачот Мајк Бернерс-Ли сугерира дека читателите можеби ќе сакаат да се стремат кон животен стил од пет тони, што тој забележува дека веќе би бил „голем чекор напред“ за повеќето во Обединетото Кралство. Во некои земји со повисоки емисии дури и ова може да биде тешко – во САД, Канада и Австралија, на пример, емисиите по глава на жител изнесуваат 16-17 тони CO2e годишно.

Извештајот во 2021 година од Оксфам покажа дека до 2030 година глобалните просечни емисии треба да бидат на само 2,3 тони CO2 годишно за да се одржи глобалното затоплување под 1,5 Целзиусови степени (извештајот не ги опфати другите стакленички гасови).

„Она што го покажуваме е дека во моментов има некои глобални приходни групи кои се далеку повисоко од целта од 2,3 тони“, вели Тим Гор, поранешен шеф на програмата за клима и циркуларна економија во Институтот за европска политика за животна средина, , тинк-тенк за одржливост и автор на извештајот на Оксфам. „Некои, најмалку 50 отсто од светската популација, моментално се под тоа ниво и сè уште ќе бидат под тоа ниво до 2030 година“.

Друг извештај од Институтот „Топло и ладно“, тинк-тенк со седиште во Берлин, процени дека до 2040 година, емисиите по глава на жител треба да бидат 1,4 тони CO2e, а до 2050 година само 0,7 тони CO2e. Во 2019 година, кога активистката од Лондон Розалинд Редхед реши да се обиде да живее на само еден тон јаглерод една година, таа го засноваше својот предизвик на овој извештај. „Тој извештај ми значеше толку многу, бидејќи конечно имав научна основа на која можев да направам проект како што е проектот од еден тон“, вели таа.

Редхед ја заокружи целта од 0,7 тони на еден тон делумно како признание дека е тешко да се живее живот со малку јаглероден отпечаток со нашата сегашна инфраструктура. Ваквите борби ја истакнуваат системската природа на климатскиот проблем: многу е тешко да се живее со мал јаглероден отпечаток ако сите производи, општеството и инфраструктурата околу вас се со висока емисија. Всушност, малкумина тврдат дека луѓето треба да стигнат до овие нивоа само со индивидуална акција: голем дел од производите, инфраструктурата, системите и политичките одлуки кои влијаат на целиот наш живот, исто така, треба да се променат за да се намалат емисиите.

Додека се обидуваше да живее на два тони јаглерод, Мејнпрајз се најде соочена со неколку примери за ова. Таа немаше можност да постави изолација на домот, кој го изнајмува, а немаше услов нејзиниот сопственик да го постави тоа. Таа исто така се потпираше на автомобил за работа и сметаше дека купувањето електричен автомобил е премногу скапо.

„Јасно е дека поединците во нивните различни општествени улоги можат значително да придонесат во намалувањето на емисиите“, вели Џојашри Рој, професор по економија на Универзитетот Јадавпур во Калкута, Индија. Но, доколку не бидат поддржани од вистинската инфраструктура, технологија и политички стимулации, вели таа, само со тоа не може да се постгине целта. На пример, “како може поединец да пешачи во град кој не обезбедува безбедни, убави патеки за пешачење?”.

Сепак, може да има лажна дихотомија во дискусиите за индивидуалните промени во однесувањето наспроти промените на системите, вели Луис Акенџи, управен директор на Институтот „Топло и ладно“.

„Ни треба промена на поединецот и на системите“, вели Акенџи: владината политика, општествените преференци и однесувањето на потрошувачите можат да влијаат еден на друг.

Според Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC), со соодветни политики, инфраструктура и технологија за да овозможиме промени во нашиот начин на живот и однесување, можеме значително да ги намалиме вкупните емисии на стакленички гасови до 2050 година. IPCC, исто така, вели дека светот треба да достигне нето нула емисии со ограничено надминување до 2050 година за да се одржи глобалното затоплување под 1,5 Целзиусови степени.

Во побогатите земји, тоа значи придвижување кон животен стил со далеку понизок јаглероден отпечаток за повеќето луѓе. Но, промените за да се стигне таму не се нужно болни, па дури ни негативни. На пример, истражувањето покажа дека добрите јавни услуги овозможуваат поголема благосостојба при помала употреба на енергија.

Една голема промена би била да се промени начинот на кој се движиме. Акенџи замислува комбинација на јавен превоз заедно со системи за микромобилност (како што се електрични скутери и беспилотни летала) кои го прават транспортот ефикасен и ефективен за луѓето. Приватните автомобили, со нивните огромни емисии и често празни седишта, во голема мера би биле минато, вели тој, а паркинзите ќе се претворат во зелени јавни места каде што луѓето одат да играат, да се релаксираат или да вежбаат.

Овој висококвалитетен јавен превоз би бил електрифициран и напојуван од обновливи извори, вели Гор. Тоа би било надополнето со возење велосипед и пешачење и други форми на мобилност кои ги активираат луѓето – исто така ќе имаат корист за благосостојбата и здравјето.

Ова ќе повлече огромни промени во урбаното планирање на многу места низ светот кои се дизајнирани за автомобили, забележува Гор. Тоа може да значи и враќање на локалните улици и пазари каде луѓето би можеле да купуваат пешки или со велосипед. Исто така, ќе има значително намалување на летањето, додава тој, а патување на подолги растојанија, наместо со летање да се замени со брзи железници и ноќните возови.

Во меѓувреме, домувањето е меѓу најлесните чекори за намалување на јаглеродниот отпечаток, вели Гор, така што огромните промени брзо ќе се случат со реновирање за зголемување на енергетската ефикасност во домовите. „Ние би заштедиле пари за секое домаќинство, а истовремено ќе ги намалуваме нашите емисии и веројатно би создале многу работни места за луѓето кои го прават тоа реновирање во процесот“, вели Гор.

Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) тврди дека добро насочената јавна потрошувачка за поддршка на изолацијата и другите видови енергетска ефикасност може многу да придонесе за намалување на јаглеродот. Во нејзиниот напор да живее со еден тон јаглерод годишно, Ридхед сфатила дека вклучувањето на нејзиниот гасен котел за само 45 минути ѝ го изело целиот дневен буџет на јаглерод. Меѓутоа, кога подоцна поставила секундарно застаклување на своите прозорци, открила дека воопшто не морала да го вклучи греењето.

Размислувајќи за топлото време, во меѓувреме, сите нови домови би биле исто така редизајнирани, овозможувајќи добро ниво на удобност на топлите места и минимизирање на нивните барања за климатизација, вели Лукас Шансел, економист на Париската школа за економија.

Друга голема промена во светот од два тона би била нашата исхрана – особено префрлањето на диети базирани на растенија, вели Џулија Штајнбергер, професор по еколошка економија на Универзитетот во Лозана во Швајцарија. „Овие често се и поевтини. Тие бараат малку експериментирање и лесно се учат да се готват – готвење врз основа на леќа, грав, тофу и други форми на растителни протеини, наместо месо или млечни производи.

Месото и млечните производи повеќе ќе се гледаат како на луксуз или како храна за специјална пригода, а не како нешто што би го јаделе два или три пати на ден, вели Гор.

Извештај од 2019 година што ја разгледува „диетата за планетарна здравствена состојба“ имаше цел да ја утврди оптималната диета за балансирање и на здравјето на луѓе и на планетата. Препорачаните оброци треба да се состојат од околу половина чинија овошје, зеленчук и многу мешунки и јаткасти плодови. Веганската и вегетаријанската исхрана може да помогнат да се задоволат овие барања, се вели во извештајот, но некои месни и млечни производи сè уште можат да бидат вклучени во исхраната.

Диетата е исто така особено лична работа за луѓето. Во нејзиниот експеримент два тона, Мејнпрајз, која веќе е вегетаријанка, смета дека намалувањето на млекото и сирењето е прилично изводливо. Спротивно на тоа, Редхед се мачеше целосно да го укине месото од нејзината исхрана, особено во постудените зимски месеци кога јадеше оброци со месо со помал јаглероден отпечаток, како што е пилешкото.

А потоа, тука се нашите други видови на потрошувачка. „Светот со низок јаглерод е свет каде што генерално трошиме помалку ‘работи’“, вели Шансел. Можеме да конзумираме повеќе културни искуства (мислам фестивали, посети на тетари или часови по танц), но „во однос на нештата, се што има тежина, што се произведува со материја и со енергија, треба да трошиме помалку од тоа“, вели тој.

Ова не е некаков план да се ослободиме од сета наша електроника и облека, но тоа е свет во кој нивното производство се заснова на обновливи извори на електрична енергија, а не на фосилни горива. Тоа значи и многу поголем фокус на поправка и рециклирање, вели Гор – наместо да купувате нов телефон секоја година или две.

Европската Унија веќе го усвои „правото на поправка“ на производите за широка потрошувачка, кое има цел да натера повеќе производи да остават можност да се поправаат во рамките на законската гаранција и да им обезбеди на луѓето подобри опции за поправка на производи кои се технички поправливи, дури и ако се надвор од гаранцијата. Мерките како оваа може да помогнат да се започне да се гради „економија која се поправа “ со тоа што ќе се бара од компаниите да ги направат своите производи поправливи и да направат достапни прирачници и резервни делови по достапна цена, вели Гор.

Додека луѓето сè уште би патувале за одмор, во меѓувреме, тие генерално би станале повеќе локални, поодговорни и би трошеле помалку, вели Акенџи. „Многу често тоа што го сметаме за празник е само можност за потрошувачка – и тоа не значи дека ја подобрува нашата благосостојба“, вели тој. „Она што навистина ја подобрува нашата благосостојба е да се ослободиме од работниот начин на размислување за малку да се наполниме, да се вклучиме со заедниците и луѓето што ги сакате или да откриеме други работи со кои обично не се занимавате“.

Самата работа, исто така, може да се промени во свет со ниска содржина на јаглерод. Работните договори би можеле да изгледаат поинаку од денешните, со зголемен фокус на работа од дома и пократки и пофлексибилни часови. Сепак, ќе има многу работа да се направи во свет со ниска содржина на јаглерод – еден неодамнешен извештај проценува дека промената кон зелена економија може да создаде 18 милиони работни места.

Но, тоа не мора да значи понизок стандард или живот или благосостојба. Истражувањата покажаа дека употребата на енергија и јаглерод над одредено ниво не мора да значи и повисок животен стандард.

„Количината на емисии на енергија е многу важна [за благосостојбата] на ниски нивоа, на повисоките нивоа повеќе не е важно“, забележува Штајнбергер, кој е коавтор на истражувањето. Во некои области на светот, се разбира, употребата на енергија и емисиите по глава на жител со право треба да се зголемат. Идејата дека земјите со повисоки емисии, побогатите треба да ги намалат своите емисии за да го овозможат тоа честопати се нарекува потреба да им се даде фер „јаглероден простор“.

Во нејзините напори да живее на еден тон јаглерод во денешниот свет, Редхед се нашла во потрага по она што таа го нарекува „carbon freebies“: активности без јаглерод што сакала да ги прави.

„Можете да медитирате, да бидете во природа, да престанете да правите работи и да го апсорбирате светот, да мирисате цвеќиња, да берате храна, да се занимавате со уметност, да пешачите, возите велосипед, да се занимавате со градинарство“, вели таа. „Слушање или свирење акустична музика, пеење, танцување, сите работи што ги правевме како деца: тоа се работи за кои имавме голема љубов“.

Таа открила дека ѝ се враќаат сеќавањата од животот пред телефоните и компјутерите. „Само седиме наоколу со пријателите и разговараме“, вели таа.

И дали Мејнпрајз и Редхед ги исполнија своите цели? На крајот, Мејнпрајз случајно ја изгуби табелата што ја користеше за следење на нејзиниот јаглерод околу седмиот месец, но дотогаш беше „нешто под месечниот просек од вкупниот број каде што требаше да биде“.

Редхед, исто така, мисли дека успеала да ја достигне целта од еден тон – но вели дека не можела да оди пониско: „Ми требаше целиот тој јаглерод“.

Акенџи вели дека се чувствува инспириран од луѓе како Редхед и Мејнпрајз кои всушност се обидуваат и тестираат како да живеат одржливо.

„Иако може да им биде тешко да дојдат до тој праг, она што тие всушност го прават е да не информираат за видот на промените што треба да ги направиме, во иднина, за да го олесниме живеењето со еден тон јаглерод“.

Извор: BBC

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни