Минатата недела, во Скопје, се одржа промоција на долгоочекуваниот нов роман, „Единствен матичен број“, од наградуваната авторка Лидија Димковска. Романот е во издание на Издавачки центар Три, а промотори на книгата беа Виолета Танчева Златева и Гоце Смилевски.
На промоцијата присуствуваа многубројни гости и читатели на оваа светски призната авторка. По „Резервен живот“ Лидија повторно ќе ги освои читателите со овој роман кој начнува меѓугранични психолошки состојби на умот и претставува ликови во кои секој може да се пронајде по малку во современото дивеење и отуѓување.
Новиот роман на Лидија е приказна за нарушените семејни односи, за отуѓеноста од самите себеси и за молкот кој во ниту еден случај не може да биде решение на проблемите.
Трн: Дали единствениот матичен број е одредница на идентитетот или чувството на припадност е одредница за него?
Лидија: Во реалноста – социјална, општествена, системска, административна – ЕМБГ е одредница без која не постоиш, не си на списокот на родените, живите, а и на мртвите. Ако немаш ЕМБГ немаш идентитет на жител, државјанин, човек, што е, секако, небулозно и поразително. Постоиш само ако имаш ЕМБГ. Од друга страна, пак, имањето ЕМБГ не значи и чувство на автоматско припаѓање на една средина, држава, нација. Во романот „Единствен матичен број“ главниот лик не му припаѓа ни на сопственото семејство, а ни себеси.
Трн: Главниот лик Никос има ЕМБГ, но дали тој се чувствува дека припаѓа некаде?
Лидија: Чувството на припадност на поранешната татковина, Кипар, го загубил со нејзиното напуштање, а чувството на припадност на втората татковина, Македонија, или никогаш не го стекнал или е релативизирано секојпат одново. Неговата изрека „Човек да фати пустелија“ очигледно ја покажува неговата скриена желба да припаѓа некаде, можеби на пустелијата, како место на бегство од сè, но и од себеси. Единствениот матичен број на Никос Аврам, парадоксално, наместо да му го олесни, му го усложнува животот, и со себеси и со другите.
Трн: Во романот е прикажно едно нефункционално семејство без семејна топлина и без поврзаност на членовите на семејството? На што се должи тоа?
Лидија: Дисфункционални семејства има можеби и повеќе од „функционални“, и тоа не само во Македонија, а мене ми беше предизвик да го демитологизирам и детабуизирам семејството, а особено мајката/сопругата која со своето постојано негативистичко и злобно однесување создава атмосфера на дом во кој никој не е среќен, дом од кој човек сака да побегне, да фати пустелија. На промоцијата на романот, Гоце Смилевски мошне луцидно истакна дека во романот „Единствен матичен број“ таткото е отуѓен, но мајката отуѓува. А во една таква констелација и не постои надеж за поврзаност и блискост иако копнежот сигурно го има.
Трн: Дали молкот е решение? На кој начин вие го гледате решението?
Лидија: Молчењето не е секогаш злато туку може да биде и олово. Во животот молкот апсолутно не е решение, но во литературата може да биде решение. Во мојот роман е решение, иако е проблем. Проблемите што ги засегнуваме во литературата се всушност решенија.
Трн: Недостасува ли храброст на ликовите за да тропнат на маса и да побараат среќа?
Лидија: Не само храброст, туку и филмска предлошка. Колкупати проблемите во реалниот живот се решаваат со удирање по маса, во позитивна смисла, за да се сменат нештата? Најчесто удирањето по маса извлекува на видео други проблеми, или ги продлабочува веќе постоечките. Ретко кога во животот удирањето на маса е катарзично дејство после кое ликовите си паѓаат в прегратка, си простуваат и почнуваат нов живот во љубов и слога. Се згрозувам од помислата романот да го свртев во таа насока, па на крајот сите да се среќни, задоволни и блиски. Тоа може да се случи во не толку драстична мера меѓу двајца членови, како меѓу Катерина и Стефан, но ниту за нив не можеме да кажеме дека ќе живеат среќно до крајот на животот. Во литературата животот мора да биде веродостоен, а не холивудски. И воопшто, во услови на отуѓеност, на семејно насилство изразено преку однесувањето на мајката, секој се чувствува како парализиран, збунет и нерешителен за да удри по маса и да побара среќа.
Трн: Потрагата по припадност и чувството за неприпаѓање е проблем со кој се соочуваат многумина. Заглавени во лоши бракови, работни места кои не ги исполнуваат, друштва, партнери… Дали неискреноста и немањето храброст е главна причина за оваа алиенација пред сè од самите себеси, а потоа и во заедниците?
Лидија: Многу фактори влијаат врз отуѓувањето меѓу луѓето, и лични и колективни, и општествени и психолошки, и начинот на живот и начинот на размислување. Отуѓувањето е производ на ланец од фактори и на времето и на човекот. Феноменот на отуѓувањето ми бил отсекогаш интересен за аналитички промислувања за тоа колку човекот може да биде близок со друг човек, други луѓе, каков е процесот на отуѓување и на крајот – колку отуѓеноста се подразбира, а колку свесно човек може да се бори против неа. Дваесет и првиот век е век на алиенација во секоја смисла, а најстрашна е онаа од самите себеси.
Трн: Тишината е централна тема во вашиот роман. Како решивте да ја искористите тишината како алатка за пренесување емоции и сложености?
Лидија: На ова прашање не можам, а да не го цитирам Ацо Шопов: „Ако имаш нешто неизречено, нешто што те притиска и пече, закопај го во длабока тишина, тишината сама ќе го рече“. Или нема да го рече. Токму тоа му се случува на Никос Аврам, но и на останатите ликови во романот. Тишината на Никос Аврам е длабок бунар во кој паѓаат и останатите, а врвката за спас се обидува да ја дофати неговата ќерка Катерина. Врвката е прекуса, за жал, а тишината предлабока. Кога сè што е важно, клучно, суштински и треба да се каже останува неизговорено, сè останато ја губи смислата и значењето, човек се задушува од емоциите што клокотат во ехото на тишината. Тишината е некомуникација, не-разговор, не-говор, не-споделување, не-љубов. Тишината е самотија, тишината е пустелија. Беше тешко да се пишува за тишината, а да не се вика и вреска.
Трн: Што ве инспирираше да ја истражите оваа тема на молчењето во вашата книга?
Лидија: Повеќе години ме опседнуваше идејата за кипарското прашање и ме потресуваше помислата дека овде, во Европа, едно гратче, Вароша, се распаѓа веќе цели четириесет години, а светот повеќе не трепнува со око поради тоа. И дека инвазиите никогаш сосема не престануваат, а ни војните, дури и кога ќе се потпише мировен договор. Дека последиците на злото што го предизвикува човекот се подолгорочни од човечкиот живот. И дека е потребен миг за да изгубиш сè што си имал, а и себеси. Некои имаат сили да говорат за тоа, а други се повлекуваат во молкот. Оние кои зборуваат терапевтски полесно се справуваат со траумата, а оние кои молчат ја закопуваат и самата траума во сопствениот молк, па нивната тишина јачи од силината на трагедијата, ама никој повеќе не ја слуша. Молчењето на Никос Аврам е говор без збор, а најтешко е да се разбере јазикот на молкот, за таков јазик не постојат учебници, курсеви и учители.
Трн:Дали сите ние имаме различна дефиниција за Пустелија? Која е Вашата?
Лидија: Претпоставувам дека секој има различна дефиниција за Пустелијата. За мене како авторка пустелијата е токму онаква каква што ја изградив во романот.
Трн: Какви сознанија се надевате дека читателите ќе добијат за предизвиците и изборите со кои се соочуваат поединците кога се движат по културните разлики во односите?
Лидија: Човек со човека треба да е човек и притоа културните разлики не смеат да бидат пречка бидејќи се дадени однадвор, условени од средината, културата, општеството, климата, геополитичката димензија итн. Емоциите немаат културна позадина, во антрополошка смисла секој човек внатрешно на ист начин ги доживува љубовта, разделбата, смртта, доброто, злото, праведноста и неправедноста, сето она што ја допира човековата психа. Надворешно, манифестирањето на културните разлики во искажувањето на емоциите може да биде различно, условено од надворешните фактори, но човекот, како разумско битие е способен да го избере она што му е поблиско, посвојствено. Една читателка на романот токму денес ми го напиша следново: „Се исплашив од фактот дека светот полека се отуѓува, па се прашувам дали и во која пустелија се населив јас. Време е да се промениме себеси пред да биде предоцна. Лично книгава ме освести дека анализирајќи го минатото и плашејќи се за иднината, заборавив да ја живеам сегашноста“. Драгоцен запис и уште подрагоцено сознание до кое се надевам дека ќе дојдат и останатите читатели и читателки, односно дека секој ќе дојде до она сознание што се криело зад аголот на свеста што се огледува во емоцијата.
Трн: Како пишувањето на овој роман влијаеше врз вашата перспектива на теми како идентитетот, културните судири и тишината?
Лидија: Идентитетот, културните судири, преминувањето на границите, во секоја смисла, се теми кои се провлекуваат во моето книжевно писмо откако се преселив од Македонија. Сето она што се подразбираше пред тоа стана релативно и почна да ме засега и како човек и како авторка. Попрво би рекла дека прашањата и состојбите на духот што ги доживувам како емигрантка, како авторка која пишува само на мајчиниот јазик, а живее со други јазици, како номадка која набљудува, учи, промислува и согледува и на растојание и однатре, влијаат на тоа како ги пишувам моите дела. Но најважно за мене кога пишувам е да ја облечам кожата на нараторот/нараторката и да се соживеам со приказната што сака преку мене да му ја раскаже на светот.
Трн: Дали има некои претстојни проекти на кои работите и кои би сакале да ги споделите?
Лидија: Моментно препејувам словенечка и романска поезија, но во умот и срцето полека ми расте идејата за сликовница или книга за деца. Се надевам дека ни умот ни срцето нема да ме остават на цедило пред да ја напишам 😊
Трн: Дали планирате да истражувате слични теми во вашето идно пишување или има нови насоки што ги разгледувате?
Лидија: Би сакала да напишам нешто поведро, со хумористички призвук. Не знам дали ќе ми успее. Ќе се обидам, а и онака секогаш можам да се вратам на темите што преовладуваат во мојата проза и поезија и што се поврзани со граничните состојби на духот на човекот и на времето во кое живее. За жал, или за среќа, има уште многу што да се напише за човековата душа.