Жива и сребро пронајдени во каналот кај Таор по појавата на бела пена

Анализите на Институтот за јавно здравје покажале зголемени концентрации на жива, сребро и нитрити во одводниот канал што се влева во Вардар, при што институциите предупредуваат на ризик по здравјето и животната средина.

Зголемени концентрации на жива и сребро се детектирани во површинската вода од одводниот канал кај Таор, од каде што во ноември минатата година се појави необична бела пена, покажуваат резултатите од анализите на Институтот за јавно здравје. Испитувањата биле извршени по барање на АД „Водостопанство“, а резултатите ги објави СДК.

Покрај присуството на жива и сребро, анализите покажале и зголемен број на термотолерантни колиформни бактерии, како и покачени концентрации на нитрити, што укажува на сериозно загадување на водата.

Од Државниот инспекторат за животна средина предупредуваат дека појавата на жива е невообичаена и потенцијално опасна, особено за рибниот фонд и здравјето на луѓето, доколку рибата од загадените води се користи за исхрана.

„Има зголемени концентрации на жива, што претставува сериозен ризик, а препораката на Институтот за јавно здравје е континуирано да се следи состојбата. Дополнително, забележано е и присуство на зголемени количини на сребро и нитрити како азот“, соопштиле за СДК од Инспекторатот.

Според институциите, во овој одводен канал се слеваат отпадните води од општините Гази Баба, Илинден, Арачиново и Петровец, што го прави проблемот системски, а не изолиран инцидент. Скопје сè уште нема функционална пречистителна станица за третман на отпадни води, што дополнително го зголемува ризикот од загадување на реките.

Инцидентот со појавата на бела пена бил регистриран на 21 ноември минатата година, непосредно по активирањето на пумпите за отпадни води од системот на Скопско Поле. Тогаш, како што наведуваат од Инспекторатот, визуелно било утврдено можно сериозно хемиско загадување на реката Вардар.

Надлежните институции најавуваат продолжување на мониторингот и дополнителни анализи, додека еколошките организации повторно го отвораат прашањето за итната потреба од системско решение за третман на отпадните води во Скопскиот регион.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни