ПМ честичките во воздухот придонеле за околу 239.000 смртни случаи во Европа, но товарот не е подеднакво распореден – некои делови од континентот се значително повеќе погодени. Загадувањето на воздухот претставува смртоносна закана по јавното здравје, но ризикот е многу поголем во одредени делови на Европа.
Загадениот воздух се поврзува со рак на белите дробови, срцеви и респираторни заболувања, мозочни удари, проблеми при раѓање и многу повеќе. Особено е опасен за повозрасните лица, предизвикувајќи околу 4% од сите смртни случаи кај лица над 65 години.

Нова регулатива, стари проблеми
Во 2021 година, Светската здравствена организација (СЗО) ги ажурираше своите насоки за квалитетот на воздухот, намалувајќи ги препорачаните годишни гранични вредности за азот диоксид и фини честички (PM2.5) како прав, чад и саѓи од издувни гасови.
Во декември 2024 година, влегоа во сила построги правила за квалитет на воздухот со цел да се доближи Европската унија до стандардите на СЗО до 2030 година. Овие правила ги обврзуваат земјите членки да ги следат загадувачите како PM2.5, црн јаглерод и амонијак.
„Ова е една од најголемите интервенции за јавно здравје во едно поколение,“ изјави Марк Нивенхајсен, директор на Иницијативата за урбанизам, животна средина и здравје при Институтот за глобално здравје во Барселона, за Euronews Health.
Северна Македонија со најмногу смртни случаи поврзани со загадување
Според Европската агенција за животна средина, изложеноста на PM2.5 честички предизвикала околу 239.000 прерани смртни случаи во Европа во 2021, а дополнителни 48.000 смртни случаи биле резултат на изложеност на азот диоксид (NO2).
Северна Македонија има највисока стапка на смртност поврзана со загадувањето на воздухот, следена од Србија, а веднаш зад нив се Албанија, Бугарија и Црна Гора, според извештајот на Европската комисија и Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
Источно-западна поделба
„Најголемата поделба што ја гледаме во Европа е помеѓу истокот и западот, и таа многу се совпаѓа со БДП и социо-економската состојба на регионите,“ вели професорката Зорана Јовановиќ Андерсен, експерт за еколошка епидемиологија од Универзитетот во Копенхаген и член на комитетот за животна средина и здравје при Европското здружение за респираторни заболувања.
Истражувањето на Нивенхајсен на ниво на градови укажува на различни предизвици со кои се соочуваат регионите ширум Европа.
Причини за загадување – од греење до сообраќај
Во северна Италија, Полска и Чешка, високата стапка на смртност од PM2.5 е најмногу предизвикана од греење со јаглен и земјоделството.
Смртноста од NO2, што се должи најмногу на сообраќајот и индустрискиот сектор, е највисока во големите и главни градови во западна и јужна Европа.
Некои земји преземаат мерки за намалување на загадувањето. Данска, на пример, би можела да стане првата земја во светот што ќе воведе данок на јаглерод за сточарство до 2030 година.
Новиот предлог-директива на ЕУ им дава право на граѓаните со здравствени проблеми поврзани со загадување да ја тужат својата влада ако не ги исполнува правилата на ЕУ за квалитет на воздухот.
Сепак, извештајот од ОЕЦД и Европската комисија предупредува дека, иако ЕУ е на добар пат да ги намали смртните случаи од PM2.5 за 55% до 2030, факторите на животната средина, како загадување и климатски промени, се „сѐ поголеми закани за јавното здравје“.
„Иако можеби ќе ги намалите нивата на загадување, тоа не секогаш значи дека ќе ги намалите и здравствените последици во иста мера,“ вели Нивенхајсен.
Загадениот воздух – најголема еколошка закана
Воздухот што го дишеме е најголемата еколошка закана по здравјето во Европа, но таа често се надоврзува со други ризици – недостиг на зелени површини, бучава и екстремна топлина, кои исто така имаат значителен ефект врз човековото здравје.
„Го намаливме загадувањето и знаеме како се прави тоа. Многу земји веќе се лидери на тоа поле,“ заклучи Андерсен.