Жителите на Берлин не сакаат Олимписки игри во нивниот град

Повеќето жители на Берлин не сакаат градот да се кандидира за домаќин на Олимписките игри, покажува анкета објавена во понеделник.

Анкетата, нарачана од дневниот весник Tagesspiegel, покажува дека 67% од испитаниците се изјасниле против кандидатура за Летните олимписки игри во 2036, 2040 или 2044 година, додека 27% ја поддржуваат иницијативата, а околу 6% се неопределени.

Одлука на почетокот на 2025 година

Германската конфедерација на олимписки спортови (DOSB) планира во третото тромесечје од 2026 година да одлучи кој град или регион ќе се кандидира и за кои Игри. Можни кандидатури се разгледуваат за 2036, 2040 или 2044 година, а интерес за вклучување во процесот покажале Берлин, Хамбург и Минхен, како и регионот Рајна-Рур.

Жителите на Минхен неодамна ја поддржаа кандидатурата, додека покраината Северна Рајна-Вестфалија на 19 април ќе одржи референдум за тоа дали регионот Рајна-Рур да продолжи со процесот.

И покрај резултатите од анкетата, берлинските планери за Олимписките игри уверуваат дека постои силна поддршка за кандидатурата.

Како да се подобри атмосферата во градот?

„Феномен е дека во Берлин секоја тема се дискутира долго и широко. Но, на крајот се појавува динамика и голем ентузијазам“, изјави за агенцијата dpa олимпискиот претставник Каве Нироманд.

Нироманд и претседателот на Државниот спортски сојуз на Берлин, Томас Хертел, во оваа фаза не гледаат причини за загриженост.

Хертел посочи дека други анкети покажуваат повисоко ниво на поддршка за кандидатурата на Берлин. Сепак, нагласи дека резултатите од оваа анкета покажуваат дека „сè уште се соочуваме со голем предизвик и дека мора да го промениме јавното мислење“.

Нироманд најави неколку активности со цел подобрување на атмосферата во градот. Сите иницијативи се планирани за септември 2026 година, кога DOSB ќе ја донесе конечната одлука за германскиот кандидат.

Германија досега била домаќин на Летните олимписки игри во 1936 година во Берлин и во 1972 година во Минхен, како и на Зимските олимписки игри во 1936 година во Гармиш-Партенкирхен. Неколку кандидатури потоа пропаднале или биле запрени поради референдуми.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни