Борбите во северниот сириски град Алепо денеска значително се интензивираа, поради што десетици илјади жители беа принудени да ги напуштат своите домови во две претежно курдски населби, откако сириската армија им нареди на цивилите да се евакуираат.
Евакуациите се случија во рамки на најсмртоносната рунда насилство во последниот период меѓу владините сили и курдските борци.
Сириската армија им даде рок на жителите до 15 часот (12:00 GMT) да ги напуштат населбите Шеик Максуд и Ашрафија, по што тие беа прогласени за „затворена воена зона“. По истекот на рокот, во двете населби се слушале експлозии.
Според податоците на Дирекцијата за социјални прашања и труд на Алепо, повеќе од 46.000 луѓе се раселени, во град кој има над два милиони жители.
Во денешните судири и артилериски напади загинале најмалку седум лица во области под контрола на Сириските демократски сили (СДФ), предводени од Курдите и поддржани од САД, како и пет лица во деловите под контрола на владините сили. Десетици луѓе се повредени.
Сириското Министерство за информации соопшти дека армијата ќе спроведе „ограничена воена операција“ во Алепо, како одговор на нападите на СДФ врз делови од градот кои се под контрола на владата. Според министерството, во ваквите напади во последните месеци загинале повеќе од 20 цивили, биле ранети над 150 лица, а животот го загубиле и повеќе од 25 војници.
Од друга страна, СДФ ги обвини владините сили за напади врз цивилни населби и инфраструктура, како и за воведување „задушувачка и целосна опсада“ на курдските области. Курдските сили соопштија дека владините трупи користат тешко оружје и дека тие пружаат жесток отпор со цел да ги заштитат населбите и цивилите.
Сириската влада, во соопштение објавено од државната агенција САНА, тврди дека операциите се „исклучиво насочени кон зачувување на безбедноста, спречување на вооружени активности во станбени области и нивна злоупотреба како средство за притисок врз градот“, додавајќи дека се спроведуваат со „целосна посветеност на заштитата на цивилите и нивниот имот“.
Овие судири се најсмртоносни досега меѓу двете страни и се случуваат во момент кога преговорите за интеграција на СДФ во националната сириска армија бележат минимален напредок.
Двете курдски населби со месеци се жаришта на повремени судири, кои во минатото завршуваа со договори за примирје. СДФ располага со десетици илјади борци и се смета за главна сила што треба да биде апсорбирана во сириската војска.
Во март, сириското раководство предводено од привремениот претседател Ахмад ел Шараа потпиша договор со СДФ за нивно спојување со сириската армија до крајот на 2025 година, но останаа несогласувања околу начинот на спроведување. Иако дел од борците во април се повлекоа од Шеик Максуд и Ашрафија, последната средба во Дамаск не донесе конкретен напредок.
Дополнителни тензии создава и фактот што дел од новата сириска армија е составен од поранешни бунтовнички групи поддржани од Турција, кои имаат долга историја на судири со курдските сили.
СДФ со години беше клучен партнер на САД во борбата против Исламска држава, но Турција ги смета за терористичка организација поради нивната поврзаност со ПКК. Мировниот процес е во тек, но двете страни меѓусебно се обвинуваат за саботирање на договорот од март.
