Search

Жирафа без шари родена во зоолошка градина во САД

Бебе жирафа без шари е родено во зоолошка градина во јужната американска држава Тенеси, објавија во вторникот сопствениците на зоолошката градина.

Директорот на зоолошката градина, Дејвид Брајт, рече дека женката е со „прекраснаж кафена боја“, без ниту една од препознатливите шари кои ги имаат жирафите за подобро камуфлирање.

Според Брајт, тоа е првата позната жирафа родена без никакви шари од 1972 година во Јапонија. Постојат два други познати примери на жирафи без шари пред тоа.

Жирафата „просперира под грижата на нејзината внимателна мајка и стручниот персонал на зоолошката градина“, додаде Брајт.

Брајт рече дека зоолошката градина презела необичен чекор објавувајќи за жирафата на својата Фејсбук страница за да ја подигне свеста за напорите за зачувување.

„Генерално не објавуваме бебиња родени во зоолошката градина, но со оглед на тоа што оваа ситуација е толку уникатна, знаевме дека ќе им привлече големо внимание за жирафите“, рече Брајт, додавајќи дека пораката ќе помогне да се истакнат напорите за зачувување на овие животни.

Животните во дивината постојано се намалуваат. Основачот на зоолошката градина, Тони Брајт, истакна дека значителен број од популацијата на диви жирафи е избришана во последните три децении.

Според Фондацијата за заштита на жирафите, во 1980-тите во Африка имало околу 155.000 жирафи, во споредба со околу 117.000 денес.

Зоолошката градина побара од јавноста да избере име за жирафата и да размисли за донации за програми за спасување за идните генерации да имаат можност да ги видат животните.

Извор: DW

Најново

Последни колумни