Жестоки немири на левичарски протест во Торино: Повредени 31 полицаец, Мелони објави вознемирувачка снимка

Жестоки судири на левичарски протест во Торино: 31 полицаец повреден, десетмина уапсени. Премиерката Мелони објави вознемирувачка снимка и порача дека станува збор за „непријатели на државата“.

Сериозни немири избија синоќа за време на протест против затворањето на левичарскиот културен центар Аскатасуна во Торино, на северот на Италија. Според италијанската јавна телевизија RAI, во судирите меѓу полицијата и демонстрантите биле повредени 31 полицаец, додека десет лица се уапсени. Дел од учесниците биле маскирани.

Засега нема официјални информации за бројот на повредени меѓу демонстрантите. Протестите беа организирани поради иселувањето на културниот центар Аскатасуна, кој со децении претставувал собиралиште на левичарската сцена во Торино, а бил иселен непосредно пред Божиќ.

Предупредување: објавената снимка е вознемирувачка и не се препорачува за чувствителни лица.

Масовен протест, па насилство

Организаторите соопштија дека околу 50.000 луѓе учествувале во протестната поворка што поминала низ центарот на градот. Меѓу демонстрантите се вееле и бројни палестински знамиња.

Ситуацијата ескалирала кога дел од толпата започнала да фрла камења, Молотови коктели и други предмети кон полицијата. Запалени биле неколку контејнери за отпад, како и полициско комбе. Безбедносните сили возвратиле со солзавец и водени топови.

Еден демонстрант бил однесен со повреди на главата, а на една од снимките што кружат на социјалните мрежи се гледа полицаец како лежи на земја додека е тепан од маскирани лица.

Мелони: „Ова не се демонстранти, туку непријатели на државата“

Италијанската премиерка Џорџа Мелони остро реагираше на немирите преку објава на платформата X, каде што ги осуди насилствата, нарекувајќи ги учесниците „антагoнисти“ кои ја искористиле легитимната иселба на нелегално окупиран објект како изговор за организирано насилство.

„Снимките од нападнатиот полицаец зборуваат сами за себе – ова не се демонстранти, туку луѓе кои дејствуваат како непријатели на државата“, порача Мелони.

Таа истакна дека припадниците на безбедносните сили биле принудени да се соочат со „вистинска урбана герила“, а осуди и напади врз новинари кои известувале од терен. Премиерката изрази целосна поддршка за полицијата, новинарите и граѓаните кои претрпеле материјална штета, нагласувајќи дека не станува збор за протест или несогласување, туку за насилни напади насочени кон државата и нејзините институции.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни