Жестока расправа за законот за високо образование: Опозицијата бара повлекување, Јаневска не отстапува

Министерката Весна Јаневска порача дека предлог-законот за високо образование нема да се повлече, додека опозицијата предупредува на можни последици врз универзитетската автономија и бара ново решение.

Предлог-законот за високо образование предизвика остра политичка дебата во Собранието, откако опозицијата побара негово повлекување, а министерката за образование и наука Весна Јаневска порача дека законот останува и е во интерес на студентите и академската заедница.

Одговарајќи на прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, Јаневска нагласи дека предложеното решение е подготвено според европски и светски стандарди и има за цел да ги подобри студентските права и функционирањето на универзитетите.

Опозицијата предупреди дека законските измени можат да ја нарушат автономијата на високообразовните институции и да доведат до зголемена државна контрола, додавајќи дека дел од академската заедница веќе изразила сериозни забелешки. Костадиновска-Стојчевска потенцираше дека проблемите со финансирањето, одливот на млади кадри и поврзаноста со пазарот на труд остануваат нерешени.

Јаневска, пак, истакна дека законот е објавен на ЕНЕР и сите заинтересирани страни имаат можност да достават свои коментари. Според неа, реакциите не се генерализирани и не доаѓаат од мнозинството студенти и универзитетски професори.

Министерката додаде дека со новото законско решение се предвидува двегодишен мандат за студентските претставници во универзитетските тела, поддршка за најдобрите студенти, како и можности за нивно вклучување во проекти и подобрување на статусот на демонстрантите.

На крајот од расправата, опозицијата повторно побара повлекување на предлог-законот и изработка на ново решение, но Јаневска остана на ставот дека процесот ќе продолжи со јавни расправи и дополнителни консултации.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни