Жешка есен во МКЦ

Да верував дека постои Господ, ќе му се заблагодарев што ме склопил вака конструктивен, со тенденција да ги решавам проблемите кои ме стигаат и склон кон среќа и позитивни промени. Сепак, сите знаеме дека Господ Бог не постои, освен во нашите илузии и сновиденија, па единствената фигура од тој тип, најблиска до некаков бог, на која би можел да и се заблагодарам е татко ми. Благодарам за склопката тато, комбинацијава што така галантно ми ја овозможи навистина функционира. Тукуречи совршен механизам за справување со предизвиците кои ги носи животот.

Освен овој тип патокази, татковците ни подаруваат и татковина. На некој начин ни ја оставаат во наследство сосе воспитувањето. Татковина е многу комплексен концепт и се разбира мошне комплицирано наследство. Токму тоа, деновиве е така болно очигледно во Македонија, што ме болат очите. Нема да претерам ако кажам дека буквално сите нешто не боли деновиве. Секого го боли според можностите, а секому болка според заслуженото. Е, а од сите болки и маки, ми се чини најголема и најсилна е скопската болка. Сенароден сублимат на неодговорност, фрустрација и историски простотилак растекува низ овие улици, сепак доволни да го канализираат сиот отров на незнаењето и нечесноста кои ја родија болката која ја чувствуваме сите. А верувајте ми на зборот и градов чувствува болка од нас. Го болиме градов. Ја болиме земјава. Многу.

Но, како што ме дал Господ нели, така позитивен и расположен за решавање проблеми, еве ме мене со предлог решение. Имам еден збор за вас: КУЛТУРА. Знам јас дека уште при самата помисла, или слушање на овој збор, веднаш ве обзема гадење проследено со нагон за повраќање, но верувајте мили браќа и комшии, тоа е единственото решение. Да се култивизираме некако, ама СИТЕ. Тоа е императив. Мора да успее, бидејќи ако не успее, реката Вардар едноставно нема доволно воден капацитет да не испоудави сите, а давење е финалното решение за лузери од овој тип.

Како и каде да се култивизираме? Совршено место за тоа е Младинскиот Културен Центар Скопје (скратено МКЦ), кој во последниве петнаесетина години успеа да се издигне во бастион на современата македонска автентична, жива култура и вистинска антитеза на губитничкото секојдневие во кое ординираме. МКЦ успева онаму каде што ниедна институција не успева: си ја врши својата работа. Вршејќи ја својата работа одговорно, едуцирано и во континуитет, МКЦ претставува искра светлина од мрачните лавиринти на современата македонска држава. Таков, тој е симбол на надеж за постанок и опстанок во Скопје и современа Македонија.

Како и секоја есен последниве децении, така и оваа есен, МКЦ овозможува пеколно квалитетна и разновидна културна понуда. Програма која ја поттикнува имагинацијата кај публиката и чини срцето да потскокне од возбуда и антиципација. Здраво Млади е најпрогресивниот алтернативен музички фестивал во земјата; концерти на Mathew Jonson (Канада), Brkovi (Хрватска), Villagers of Ioannina city (Грција), Algiers (САД), Marchelo и Artan Lili (Србија); Скопскиот Џез Фестивал, Таксират, ПМГ Рекордингс Фестивал, Драм Фест Скопје, Underfest, Музички блок МКЦ (Live Europe артисти), Востание фестивал, концерти на Авалон продукција и многу други музички настани. Литературни фестивали: АртАреа, Скопски поетски фестивал. Џифони и ЕХО филмски фестивали, славниот МОТ, промоции на книги, премиери на филмови, ликовни премиери и мал милион други настани.

Сето тоа со брутално скратен буџет од Град Скопје, под чија капа е оваа културна установа. Кога на ова ќе ги додадеме долговите на МКЦ за струја, парно и што се не друго – кои придонесуваат за сериозни потешкотии во секојдневното функционирање на домот, есента се чини уште пожешка. Особено во светло на актуелизирањето на скопската кандидатура за Европска културна престолнина во 2028 (исто под капата на Град Скопје), збунува мис-третманот на градот кон докажано најквалитетната културна институција.

Но, јас не дојдов да критикувам. Денес буквално секој со интернет конекција и телефон учествува во општествениот дискурс и добри 98% се занимаваат исклучиво со критикување. “Критика“ која главно се сведува на самопромоција и самосоголување. Разумните и одговорните во денешна Македонија едноставно не можат да си дозволат да бидат само безличен глас и глуво ехо во инертниот океанот на ступидна, бесмислена и критика ради критика. Одговорните ќе подадат рака и ќе понудат соработка. Одговорните ќе понудат конструктивни решенија за проблемите и со сопствен пример ќе покажат како се сака градот, татковината и дека постои излез од мракот кој мислиме дека не обвива.

Јас дојдов да предложам соработка, помирување и одговорен третман на институциите од културата во Скопје. Живееме заедно на овие улици, упатени сме едни на други и мораме да си помогнеме, за општо добро. Ете за Скопје 2028 ако не за друго. Без разлика дали се согласуваме политички или било како, мораме да се однесуваме со должна почит кон функцијата и институциите градоначалник и Град Скопје. Тие пак за возврат, одговорно да се однесуваат кон нас граѓаните и институциите кои ги задоволуваат нашите најсофистицирани потреби.
Живееме во демократско општество, но премногу кревко и премногу сиромашно за постојано да се критикуваме, мразиме и војуваме.. Можеме и мораме подобро. А тоа е можно единствено заедно. Да си подадеме рака пред да биде доцна.

Авторот е музичар

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни