Koлективната изложба „No more blush/ Без руменило” на која и претходеше дводневна работилница за фотографија низ контекстот на репродуктивното женско здравје беше отворена во саботата во Монтажната галерија во Градски парк. Фото-феминистичката работилница беше одржана од фотографката Соња Ставрова и историчарката на уметност Тијана Ана Спасовска, кои по линијата на женскиот активизам и фотографијата работат на општествено важни теми и активности. Седум учеснички активно се вклучија во процесот на продукција на делата, додека уште десет беа дел од заедничките дискусии и размена на искуства. На тој начин, изложбата претставува повеќеслоен колективен процес – дијалог помеѓу продукција и сведочење, индивидуално и заедничко, лично и политичко.

Третманот на женското репродуктивно здравје на нивните работилници, не е само низ лична призма, туку и критичките рефлексии кои заедно создаваат сведоштва кои не смеат да се заборават. Неговата цел е – како што велат организаторките, „да придонесе кон ослободување од стереотипот „ќути си“ – бидејќи само разговорот и споделувањето носат промени. Целта е да се оддалечиме од индивидуализмот кој системот го пропагира и да си раскажеме свои интимни искуства кои ќе ни помогнат да сме информирани и поддржани.” – велат Тијана и Соња.

Ранливоста на темата за женското репродуктивно здравје во Македонија е стварност, за која нужно мора да се зборува повеќе и да престане за се гледа како табу. Овој тип на активности се дел од начините како уметничкиот ангажман да се поврзе со свесноста за сопственото тело, она што се перцепира како тема за која потивко треба да се зборува, но и како можност за промени.
„Она што ја прави оваа изложба особено значајна е нејзината колективна природа. Наместо серија на индивидуални дела, таа се формира како една заедничка уметничка инсталација. Приказните на учесничките се испреплетуваат и надополнуваат, создавајќи ткиво од лични наративи што заедно формира еден уметнички јазик. Фотографијата, како централно средство на оваа практика, не е сфатена само како медиум на визуелна репрезентација, туку како јазик на отпор – алатка преку која тишината се прекинува и приватното станува видливо во јавниот простор.“ – додава Тијана Ана за самата изложба.

„Ја споделив својата интимна приказна поврзана со женското здравје а исто така отворивме теми и за состојбата на здравството и условите во кои работат нашите здравствени работници. Редовните прегледи се клучни за зачувување на репродуктивното здравје. Тестовите за HPV (типизација) треба да одат рака под рака со Пап (Папаниколау) тестот. Многу девојки и жени речиси никогаш не биле тестирани ( ниту HPV ниту Пап). Иако скоро секоја сексуално активна жена која не користи заштита може да биде носител на HPV, а недоволната информираност и едукација водат кон пропуштени прегледи и ризик од сериозни здравствени последици.” – додава фотографката Соња за инспирацијата за процесот и поттикот за организирањето на настанот.

Целиот процес на работилницата и изложбата не се осврнува само на класично уметничко претставување, туку и на игра со фотографските елементи како можност за преиспитување и градење колективен глас. Оттаму, таа е повик за ангажирање на јавноста, повик за вклучување, емпатизирање и критичко рефлектирање кое оди подалеку од индивидуалното искуство.