Релито се состои од две фази: возење низ градот по однапред зададена рута, која учесничките ќе ја добијат непосредно пред стартот, и брзински тест – таканаречената гимкана. За учество, натпреварувачките мора да имаат возачка дозвола и сопствено возило, а секоја од нив вози заедно со совозач.
„Со овој настан сакаме да ги охрабриме жените активно да се вклучат во автомобилизмот. Ова не е само спортска манифестација, туку и можност да испратиме порака за еднаквост, одговорност и почит кон сите учесници во сообраќајот,“ изјави Кристина Станојковска, потпретседателка на АФСМ.
Релито е поддржано од домашни и меѓународни партнери, а АФСМ како членка на Светската автомобилистичка федерација продолжува да вложува во развојот и промоцијата на автомобилизмот во земјата.