Поразителна статистика за родовиот јаз во земјава

Жените во Македонија – заглавени помеѓу предрасудите, дискриминацијата и стереотипите

Во многу региони во земјава жените немаат пристап до гинеколошки услуги, ниту едно контрацептивно средство не е покриено со здравствено осигурување, се уште постои стереотипизација и „машки“ и „женски“ професии, а жените се и понатаму најчести жртви на насилство. Статистиката за состојбата на жените во земјава е поразителна, без оглед на тоа дали се работи за нивната застапеност на раководни позиции, на позиции на власт во централната и локалната власт, на нивната едукација и професионално усовршување или како предмет на насилство

Одвај 25 проценти од компаниите во земјава се раководени од жени. Од сите вработени лица, 38.3 отсто се жени. Само 19 отсто од работодавачите во Македонија се жени. Младите вработени мажи се 23 проценти, а бројот  на вработени млади жени е одвај 12.4 проценти. За жал, само 41 процент од жените ги исполнуваат условите за обезбедување на пензија од државата. Ова е само дел од истражувањето за родова еднаквост, направено од невладината организација Хера и Британската Амбасада во Скопје, кое ја покажува вистинската и за жал поразителна состојба на жените во македонското општество.

Истражувањето кое го објави Хера покажува дека одвај 28.5 проценти од имотот е во сопственост на жени. Во руралните средини овој процент е разочарувачки 4.1 процент.

Жените денес и понатаму вршат 72.5 отсто од домашната работа. Тие се вкупно 66,4 проценти од неплатените семејни работници, а во руралните средини оваа бројка е уште поголема.

Истражувањето покажува дека во македонското општество постои целосна стереотипизација и класична поделба на „машки“ и „женски“ професии работни места, со 74 проценти застапеност на жените во уметноста и хуманистичките науки, 76  проценти во здравствената заштита и 91 процент во образованието.

Она што е можеби најалармантно е податокот дека во 2022 година, од вкупно 1.117 кривични дела поврзани со семејно насилство, мажите се сторители во 92 проценти од случаите, а жените се жртви во 79 проценти од случаите.

Според истражувањето на „Мета“ објавено во серијата натписи посветени на семејното насилство, од јануари 2020 до март годинава имало вкупно 4.484 пријави за семејно насилство, а сторителите во 91 проценти од случаите биле мажи. Жртви на семејно насилство биле 79 проценти жени и 21 процент мажи. Вкупно 22 убиства се случиле во последниве четири години како резултат на семејно насилство, 12 убиства во обид, а најчести жртви, според податоците биле се сопруги или мајки. Најмногу убиства како последица на семејно насилство имало во 2022 година – дури седум, додека лани имало пет. Во најголем број случаи насилството било со употреба на физичка сила и закани, но и со употреба на ладно оружје. Сторителите на семејно насилство, според евиденцијата на МВР, биле под растројство, но чести се и случаите кога биле под дејство на алкохол или дрога.

„Само за 3 месеци, од јануари до март годинава, полицијата поднела 237 пријави поврзани со семејно насилство, што значи дека имало речиси по три пријави дневно. Од сторителите, 215 биле мажи, а 25 жени. Жртви на семејно насилство во првите три месеци годинава била 97 сопруги и 31 мајки, чии деца го извршиле насилството врз нив. Вкупно 22 убиства се случиле во последниве четири години како резултат на семејно насилство, 12 убиства во обид“ , пишува „Мета“.

Една од организациите кои на терен се соочуваат со болната статистика и жртвите на семејно и друг тип насилство е Семејниот центар на Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА. Ова е специјализирано советувалиште кое веќе 10 години работи во сферата на семејното и родово базираното насилство. Семејниот центар работи на психосоцијална поддршка и помош со жртвите на семејно насилство, жените и децата, но и со  сторителите на насилство.

Во Семејниот центар на ХЕРА во изминатите 2 години над 99% од пријавените жртви/преживеани на насилство се токму девојки и жени.

Само во изминатата година во центарот помош побарале 113 лица, од кои 57 жени жртви на семејно насилство.

-Кога станува збор за пријавени случаи на семејно и родово засновано, би кажале дека немањето на сопствен дом и недоволните финансии се  главните причини зошто жените тешко се охрабруваат да ја напуштат насилната средина. Честопати, дури и вработените жени не се во можност да ги покријат трошоците за кирија, основните режиски сметки и трошоци за живеење поврзани со издржување на децата доколку се решат да ја напуштат насилната средина. Затоа, програмите за заштита од насилство врз жените треба задолжително да предвидат мерки за економски олеснувања и поддршка на жртвите кои ја напуштаат насилната средина. Преку неформалната едукација со младите гледаме дека училишната средина не нуди безбеден простор и одговори на многу прашања кои ги мачат младите. Во образованиот систем родовиот јаз се одржува поради отсуството на програми преку кои ќе се рушат родовите стереотипи и ќе се промовира родовата еднаквост. Младите во училишната средина треба да учат зошто е важна родовата еднаквост и дека унапредувањето на родовата еднаквост значи рамноправност во партнерските, интимните и пријателските односи, помалку насилство, еманципирани млади и преиспитување на штетните традиционални вредности. Наставните програми треба да опфат информации за токсичните врски, што значи една здрава врска, како младите да го препознаат родово заснованото насилство, за важноста на согласноста, справувањето со врсничкиот притисок и прифаќањето на различностите – вели Елизабета Божиновска од Хера.

Елизабета Божиновска, Хера

Друга тема која е многу важна кога зборуваме за родовата еднаквост, е тоа што не се става во фокус е менталното здравје на мажите и момчињата. Родовата нееднаквост подеднакво ги засега и момчињата и мажите. Тие се  изложени на општествен  притисок и нереални очекувањата уште од најмали нозе за тоа како треба да се однесува еден „вистински” маж. 

-Мажите имаат пократок животен век во однос на жените, стапката на самоубиства на мажите кај нас е значајно повисока, мажите помалку и поретко посетуваат лекар и бараат помош и поддршка кога имаат било каков здравствен проблем или проблем со менталното здравје.  Училишни програми за родова еднаквост и услуги за поддршка на момчиња и мажи, може суштински да влијаат во искоренувањето на родовите стереотипи и намалување на насилното однесување како начин на разрешување конфликти, а крајната цел е да имаме емпатични и реализирани индивидуи- објаснува Елизабета.

Невладината Хера како организација повеќе од 15 години нуди социјални и здравствени услуги во Скопје, но и во други градови и рурални средини преку нашите мобилни амбуланти.

-Искуството покажува дека жените се соочуваат со бројни проблеми што само потврдува дека  жените се дискриминирани во многу области на општественото живеење. Се уште во голем дел од регионите жените немаат пристап до гинеколошки услуги, а средствата за семејно планирање се скапи и недостапни. Ниту едно контрацептивно средство не е покриено со здравствено осигурување, а поради отсуство на организиран јавен превоз, жените од селата немаат можност да ги посетат здравствените или социјалните институции во најблиската урбана средина кога имаат потреба за тоа- вели Елизабета.

Статистиката за состојбата на жените во земјава е поразителна, без оглед на тоа дали се работи за нивната застапеност на раководни позиции, на позиции на власт во централната и локалната власт, на нивната едукација и професионално усовршување или како предмет на насилство.

Потребни се големи промени во општеството, во образовниот систем, но и во начинот на кој се перцеприра жената и нејзината работа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни