„Баба“, „бабла“ или „вештерка“ – овие термини често се користат за да се казнат жените кои „излегле“ од шаблонот на млада, привлечна и достапна. Реченицата ја прикажува другата страна на истражувањето на ТРН.мк, кое беше спроведено со цел да се анализира како физичкиот изглед влијае врз можностите за вработување кај жените.
На прашањето од каде доаѓа идејата за тоа каков изглед се очекува од жените, на прашалникот беше добиен одговор дека таквите очекувања најмногу произлегуваат од социјалните мрежи и од сè што секојдневно се пласира таму.
„Огромното влијание на социјалните мрежи и социјалните споредби. Кај жена на висока позиција, првите атрибути кои се перцепираат се поврзани со физичкиот изглед. Пример за тоа е CEO на компанијата L’Oréal,“ – напиша испитаничка на возраст од 18 до 25 години.
Дури 71% од испитаничките сметаат дека на жените им се наметнува да изгледаат помладолико, за разлика од мажите. Една од нив тврди дека жените постојано разговараат за козметички третмани и препарати, додека мажите речиси никогаш не го коментираат тоа.
Според испитаничките, на социјалните мрежи доминираат два наративи:
– апликации за подмладување и евтини фармацевтски производи преполни со „поправки“ за жените,
– наспроти тоа, стареењето кај мажите се смета за секси.
Во одговорите е присутен и силен притисок за естетски интервенции, при што се наметнува идејата дека подобриот изглед бара „одење под нож“.
„Повеќето жени во моето работно опкружување, и тоа на релативно млада возраст, се подложуваат на естетски корекции за подмладување,“ – изјави испитаничка на 30-годишна возраст.
Дополнително, испитаниците посочуваат дека покрај социјалните мрежи, притисокот доаѓа и од секојдневната комуникација во обични разговори.
„Од рекламите на традиционалните медиуми, до социјалните мрежи, па сè до начинот на кој се зборува за жените во мојата околина“ – вака ги опишува изворите на притисок една од испитаничките.
Сакаме да знаеме повеќе од вас, одговорете на прашалникот.