Жените што живеат во мене – Меѓу мајчинството, амбицијата и гласот на феминистката

Во мене живее и една тивка, но тврдоглава феминистка. Жена која верува дека има право на избор. На глас. На мислење кое и не тррба да ти се допадне. Жена која бара време само за себе…Таа сака рамноправност во работата, во родителството, во емотивната врска.  Жена која не сака да моли за дозвола да сонува.Сите тие заслужуваат простор, не за да бидат совршени, туку за да бидат вистински. Во светот што ни вели: ,,биди едно нешто“, нашата храброст е во што се осмелуваме да бидеме многу…

,,Црно млеко тече низ душата на секоја жена која се обидува да биде сè – и мајка и создавач и сопруга и сопствена личност.“ – Елиф Шафрак

Некогаш мислам дека можам се. Да бидам совршена мајка, амбициозна жена, посветена партнерка и жена со време за себе. И понекогаш, на кратко, навистина успевам. Но во повеќето денови, во мене се води војна меѓу обврските и желбите, помеѓу грижата и вината… Помеѓу себе и очекувањата на светот. Помеѓу сите жени во мене.

Кога ја читав ,,Црно млеко” од Елиф Шафак, како да ги сретнав своите внатрешни гласови, но сега веќе именувани, слушнати и опишани.„Во мене живеат многу жени. Јас сум куќа полна со жени практични, амбициозни, духовити, цинични, смели, храбри и плашливи. Понекогаш се караат, понекогаш склопуваат мир… Јас пак никогаш не сум само една жена. Јас сум многу. Јас сум сите”, пишува Шафрак.

Во мене како и во многу мои жени околу мене гласовите се караат. Оној глас на ,,Совршената мајка“  – таа што сака домот да е чист, децата средени и сè под контрола. Таа која мисли дека вистинската жена се дава безусловно. Веднаш до неа, седи мојата „Амбициозна бунтовничка“, онаа која сака да пишува, да гради, да освојува, да менува светови…Таа која се гуши од секојдневието и бара простор. Двете се дел од мене и ниедна не сака да попушти.

А светот околу мене очекува да бидам само едната. Да бидам тивка, присутна, благодарна. Да не се бунтувам. Да не се жалам дека ми недостасува време…

Во мене живее и една тивка, но тврдоглава феминистка. Жена која верува дека има право на избор. На глас. На мислење кое и не тррба да ти се допадне. Жена која бара време само за себе…Таа сака рамноправност во работата, во родителството, во емотивната врска.  Жена која не сака да моли за дозвола да сонува. Не сака да се извинува што е уморна, ниту да се правда што сака повеќе.

Шафак пишува дека во неа живеат жени од харемот и модерни, и конзервативни и бунтовнички. Секоја има свој глас. Но општеството често сака само една од нив да преживее. Јас не сакам да убивам делови од себе за да му угодам на светот. Сакам феминизмот ми биде потсетник дека имам право да бидам своја.

Феминизмот кој не значи да се откажеме од мајчинството. Не значи да се бориме против традицијата, туку да избереме каква традиција ќе продолжиме. Да направиме нов свет за нашите ќерки. Свет во кој не мора да бидеме жртви за да бидеме вредни. Не мора да се изгубиме во мајчинството за да бидеме добри мајки. Не мора да сме покорни за да бидеме слушнати.

Во мене живеат и феминистката и мајката и амбициозната жена. Живеат и жената што сака љубов и тишина и онаа што вика и се расправа, онаа што тивко плаче и таа што се смее…

Сите тие заслужуваат простор, не за да бидат совршени, туку за да бидат вистински. Во светот што ни вели: ,,биди едно нешто“, нашата храброст е во што се осмелуваме да бидеме многу…

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни