Анета Павловска,првата македонска тениска судијка, по втор пат ја претставуваше Македонија на Летните олимписки игри, овојпат на Ролан Гарос, каде судеше натпревари од највисок ранг. Во својата богата кариера, Анета има судено на финалиња на Ролан Гарос, полуфиналиња на Вимблдон, и на Олимписките игри во Токио и Параолимпијадата во Рио де Жанеиро. Во ова интервју таа зборува за своето искуство на Олимписките игри во Париз, каде што судеше историски натпревари и уживаше во уникатната атмосфера. Таа исто така ја споделува својата инспирација за судење, значењето на жените во спортот, и балансирањето на кариерата со нејзината страст за дизајнирање шешири.
Трн: Како се чувствувате по вашето искуство како тениски судија на Олимписките игри во Париз? Кои се најубавите моменти што ги доживеавте таму?
Анета: Сеуште сум под импресии на Олимписките игри. Иако бев дел и од Олимписките игри во Токио, во Париз најмногу бев воодушевена од атмосферата и вистинските фанови на спортот кои го прават овој настан толку посебен. Нивното навивање во еден глас направи да уживавме на секој натпревар и имаме чуство како секој меч да се игра за медал . Моменти имаше многу, еден од подрагите беше токму на Отворањето кога на бродот поминуваа нашите спортисти а јас и моите колеги од различни држави ги поддржувавме и викавме во еден глас додека тие не не забележат. Исто така, не би го изоставила и историскиот 60 ти меч помеѓу Новак и Надал на кој бев делегирана да судам но и женското финале за златен медал. Гордa сум и ми беше чест да бидам дел од претставниците на Македонија на најзначајниот спортски настан во светот.
Трн: Што ве инспирираше да станете тениски судија и како ја започнавте вашата кариера во ова поле?
Анета: Кога ќе се осврнам на назад освен љубовта кон тенисот која ми е наследена од татко ми, би рекла дека публиката на US Open ме инспирираше да започнам да судам. Во 2011 та прв пат ги почуствував пеперутките во стомакот за судењето а таа љубов сеуште трае. Мојата кариера започна малку порано кога за прв пат судев на Девис куп во Скопје но тогаш уште не знаев дека судењето ќе ми биде кариера:) Со тек на време, се пријавував на повеќе турнири, учев, стекнував искуство и постепено се усовршував во оваа професија, па еве 15 тина години подоцна уште повеќе си ја сакам работата.
Трн: Како гледате на значењето на жените во спортот, особено во улога на судии и официјални лица? Како ова влијае на развојот на спортот?
Анета: Присуството на жени во спортот, особено како судии и официјални лица, е од огромно значење за промоцијата на рамноправноста и инклузијата. Ова не само што ги охрабрува младите девојки да се вклучат во спортот, туку и создава позитивен пример за сите. Кога јас започнував, немаше многу жени инволвирани во судењето, па на некој начин отварав пат за нови генерации. Сега сум Амбасадор на Македонија во Интернационална тениска федерација и преку програмата на „Advantage All” работиме на промовирање, инспирирање и мотивирање на што повеќе жени да се приклучат во било која форма на судење во тенисот. Жените носат различни перспективи и придонесуваат кон подобрување на целокупната динамика во спортската средина и мора да бидат присутни.
Трн: Кои се вашите идни планови и цели како тениски судија? Кои натпревари или турнири би сакале да ги судите во иднина?
Анета: Од пред неколку месеци положив за судија кој работи со новата технологија на „Line Calling” – „Review Official”. Со самото ова во иднина ќе ми го олесни патот кон остварување на мојата цел да бидам дел од тимот на судии на US Open. Со тоа, ќе го комплетирам таканаречениот „Златен Слам“.
Трн: Што би препорачале на младите девојки кои сакаат да се вклучат во спортот, било како играчи или како судии? Како можат да се охрабрат и да ги следат своите соништа?
Анета: На младите девојки би им препорачала да веруваат во себе и да не се плашат да ги следат своите соништа, да посегнат по нив. Никогаш да не се откажуваат! Важно е да бидат упорни, да работат напорно, да бараат можности за учење и развој и никогаш да не се споредуваат со никого бидејки секој си има свпј сопствен пат. Можат да бидат сѐ што ќе посакаат.
Трн: Како ги мотивирате другите жени во спортот и како ја поддржувате нивната кариера и развој?
Анета: Со самото раскажување на мојата приказна која е доказ дека од секаде се може доколку се сака но и преку споделување на моите искуства и активно учество во иницијативи кои ја поддржуваат нивната кариера се надевам дека ги мотивирам другите девојки, жени во тенисот и спортот генерално . Се трудам да бидам добар ментор на младите судии од Македонија и со дирекна комуникација и достапност се надевам дека им помагам и ги охрабрувам да го изберат спортот како кариера.
Трн: Како се подготвувате физички и ментално за големите натпревари? Кои се вашите тајни за одржување на фокусот и концентрацијата?
Анета: Искрено немам некоја посебна формула за подготовка. Со сѐ поголемото искуство и отсудени натпревари расте и самодовербата и потготвеноста за „големи натпревари”. Но секој натпревар е голем за мене, така се подготвувам. Бидејки секој натпревар е различен и секој натпревар е важен. Едноставно гледам да сум само добро одморена и да уживам максимално на терен.
Трн: Кои се вашите најголеми успеси и моменти на кои сте најгорди во вашата кариера како тениски судија?
Анета: Нормално дека најголемите успеси се поврзани со Олимписките игри како најголем светски спортски настан. Во Париз го судев женското финале за злато а во Токио машкото финале. Сум судела финалиња во машка и женска категорија и на Ролан Гарос. Машки и женски полуфиналиња на Вимблдон но не би ги изоставила и ВТА финалињата на кои се оди само по покана во Сингапур, Шензен, Гвадалахара како и Параолимписките игри во Рио.
Трн: Како го балансирате професионалниот и приватниот живот, особено со честите патувања и предизвиците што ги носи судиската кариера?
Анета: Балансирањето на професионалниот и приватниот живот е предизвик, но со добра организација и луѓе кои безрезервно те поддржуваат, е можно. Секогаш се трудам да најдам време за семејството и пријателите, дури и кога патувам. Сопругот а и моите родители понекогаш патуваат со мене а и јас гледам да бидам дома за секој позначаен настан. Некогаш се случува да патувам и 10 часа за роденден или свадба на некој близок а веќе нареден ден да бидам во друга временска зона. Но никогаш не ми е тешко бидејки си ја сакам работата и сама си ја одбрав. Оваа работа ми дава слобода сама да го планирам распоредот и турнирите на кои ќе работам, па со добро планирањето и поставувањето на приоритети се трудам да направам баланс на личниот и на професионалниот живот.
Трн: Освен што сте успешен тениски судија, се занимавате и со изработка на шешири. Како се роди оваа ваша страст и како го комбинирате судењето со креативноста во дизајнирање шешири?
Анета: Мојата страст за дизајнирање шешири произлезе од крестивноста што ја носам во себе но и љубов кон уметноста. Бидејки со тенисот работам околу 25 недели во годината, барав нешто што кога нема да бидам на пат ќе ми дава исто толку големо задоволство и нема да ми ја одземе слободата. Така се роди „A Court”. Судењето и дизајнирањето шешири се две различни, но комплементарни работи кои совшрено се надополнуваат и во кои поддеднакво уживам. Во моментот работам на отварање на мој сопствен простор” show room” каде ќе може вистинсите љубители на шапки да си одберат парче уметност а до тогаш следете ме на мојот инстаграм профил @а_court_