„Уште од мала ме привлекуваше логиката зад науката и технологијата. Токму таа љубопитност и привлечност ме водеа да се насочам кон оваа професија и секојдневно ме мотивираат да учам нешто ново. Како девојка во STEM понекогаш се соочував со родови предрасуди, но токму тие ме охрабрија да бидам поистрајна и да докажам дека знаењето и способноста немаат пол. На сите девојки кои размислуваат да градат кариера во STEM би им порачала да бидат доволно храбри за да се издвојат од толпата и да не дозволат туѓите сомнежи да им ги определат границите. Вложувајте во себе и не плашете се да бидете единствени затоа што токму тоа ја движи науката напред“, вели Весна Јовиќ, млада инженерка која веќе го гради својот пат во технологијата.
Нејзината изјава ја истакнува суштината на овој ден, празникот на жените и девојките во науката, кој не само што слави достигнувања, туку и потсетува на постојните родови бариери кои треба да се отстранат.
11 февруари се одбележува како Меѓународен ден на жените и девојките во науката (IDWGIS), со цел да се потенцира значењето на родовата еднаквост во научните дисциплини и да се охрабрат повеќе жени и девојки да се вклучат во истражувачки и технолошки професии.

Жени и девојки во STEM: бројки кои алармираат
Иако жените сочинуваат околу 60% од студентите во Македонија, нивното учество во STEM-професиите останува ниско од само 19,05% дипломираат во овие области, според последните податоци. Мажите, пак, сочинуваат 27,79% од дипломираните во истите области. На пазарот на труд, жените се застапени со околу 43% во технолошкиот сектор, но присуството е нерамномерно најчесто во биотехнологијата, умерено во ИКТ, а најмалку во инженерството и индустријата.
Хоризонталната сегрегација е изразена, а регионалната слика покажува дека ова не е локален проблем. Во Западен Балкан, жените имаат високо образование, но се соочуваат со структурни бариери: само 45% од нив се вработени, додека мажите изнесуваат 65%. Воедно, жените извршуваат три пати повеќе неплатена работа дома, што директно го ограничи нивниот професионален развој. Во STEM, застапеноста на жените изнесува само 14%, особено ниска е во ИКТ, инженерството и индустриските професии – секторите со најбрз раст и највисоки примања.
„Жените не недостасуваат во образовниот систем, туку недостасуваат во клучните точки на транзиција – од студии кон прва работа, од почетни кон повисоки позиции и од нестабилни кон одржливи кариери. Во STEM и ИКТ секторите ова е особено видливо. Жените имаат капацитет, знаење и интерес, но се соочуваат со системски бариери, родови стереотипи и ограничен пристап до можности за напредување“, објаснува проф. Никица Блажевски, експерт за родова еднаквост.

Меѓународен контекст: IDWGIS 2026
Темата на Меѓународниот ден на жените и девојките во науката (IDWGIS 2026) е: „Синергија на вештачката интелигенција, општествените науки, STEM и финансиите: Градење инклузивна иднина за жените и девојките“.
„Додека општествата се соочуваат со растечки нееднаквости, интеграцијата на вештачката интелигенција (AI), општествените науки, STEM и финансиите се појавува како четири-столбовен пристап за забрзување на инклузивен и одржлив развој. AI нуди моќни алатки за анализа на податоци, здравствени дијагностики, климатско моделирање и многу повеќе; сепак, без таргетирани интервенции, нејзините придобивки ризикуваат да ги заобиколат жените и девојките. STEM дисциплините обезбедуваат технички вештини потребни за развој, имплементација и одржување на AI решенија, истовремено поттикнувајќи родово балансирани истражувачки тимови. Финансиските механизми овозможуваат капитал за проширување на иновации предводени од жени и одржливо финансирање на STEM образование и истражување и развој (R&D).“
Од бројки до реалност: глобални трендови
Според UNESCO, денес жените сочинуваат помалку од една третина од светските истражувачи. Додека младите жени имаат поголема веројатност да се запишат на високо образование (46% во споредба со 40% мажи), тие сочинуваат само 35% од дипломираните во науки. Во области како вештачка интелигенција, само 22% од професионалците се жени, а во квантните технологии, помалку од 2% од апликантите за работа се жени. Овие бројки покажуваат дека родовата нерамнотежа не е прашање на потенцијал, туку на системски бариери и ограничен пристап до можности.

Лични приказни и мотив за промена
Весна Јовиќ, која веќе се гради како инженерка, е еден од примерите дека со храброст, истрајност и поддршка може да се пробие низ бариерите.
-Како девојка во STEM понекогаш се соочував со родови предрасуди, но тие ме охрабрија да бидам поистрајна- вели таа.
Нејзината порака е јасна: жените мора да вложуваат во себе, да се издвојуваат и да не дозволат сомнежите на другите да ги ограничат.
Иницијативи како EU4 Gender Equality – Women’s Economic Empowerment and Ending Violence Against Women, финансирани од Европската Унија и имплементирани од УНДП и UN Women, се обидуваат системски да ги поддржат жените во STEM. Преку менторство, обука, поврзување со работодавци и развој на вештини, се создаваат услови жените да не само да влезат во STEM, туку и да напредуваат.
Денот на жените во науката не е само празник, тоа е потсетник дека потенцијалот на жените е недоволно искористен. Со глобална поддршка, менторство, политики и финансиски инструменти, можеме да ја намалиме родовата нерамнотежа и да обезбедиме инклузивна иднина. Како што велат експертите и практичарите: знаењето и способноста немаат пол, но системските бариери мора да се отстранат за секоја девојка да има шанса да придонесе во науката, технологијата и иновациите на иднината.
