Зошто жените се губат меѓу факултетот и технолошката кариера?

Иако жените се околу 60% од студентите во Македонија, нивното учество во STEM професиите останува ниско.

Иако жените во Македонија се доминантно присутни во високото образование, нивното учество во STEM-областите (наука, технологија, инженерство и математика) и понатаму останува загрижувачки ниско. Податоците покажуваат јасен јаз меѓу образованието и реалниот пазар на труд – јаз кој најчесто ги погодува токму жените.

Жените сочинуваат околу 60% од сите студенти во терциерното образование, но само 19,05% од нив дипломираат во STEM области, наспроти 27,79% од мажите. Овој дисбаланс продолжува и по завршувањето на студиите. На пазарот на труд, жените во просек учествуваат со околу 43% од вработените во технолошкиот сектор, но нивната застапеност значително варира по потсектори.

Тие се почесто присутни во биотехнологијата, умерено застапени во ИКТ-секторот, а значително недоволно присутни во индустриските и производствените STEM области. Овие трендови укажуваат дека, иако постои одреден напредок, хоризонталната сегрегација во STEM-професиите останува силно изразена.

Регионална слика: проблемот не е локален

Состојбата во Македонија е дел од поширок регионален образец. Во земјите од Западен Балкан, жените често имаат високо образование, но тоа сè уште не се преточува во еднаква економска и професионална застапеност.

Жените се значително помалку вработени од мажите, околу 45% наспроти 65%, а воедно извршуваат три пати повеќе неплатена работа во домот, што директно ја ограничува нивната можност за кариерен развој и напредување. Во STEM-занимањата, жените учествуваат со само 14%, при што најниска е нивната застапеност во ИКТ, инженерството и индустриските професии, токму секторите со најбрз раст и највисоки примања.

Овие бројки јасно покажуваат дека проблемот не е во способностите, туку во структурните бариери, родовите стереотипи и ограничениот премин од образование кон стабилни и добро платени STEM кариери.

Каде точно настанува „пукнатината“?

STEM јазот започнува уште на факултет, жените студираат, но значително поретко избираат STEM насоки. ИКТ и инженерството се најкритичните точки, таму каде што се најголемите можности, жените се најмалку присутни. Ова не е прашање на потенцијал, туку на систем пред се пристапот до менторство, можности за напредување и рушење на стереотипи сè уште е ограничен.

Што се прави за промена на состојбата?

Регионалниот проект EU4 Gender Equality – Women’s Economic Empowerment and Ending Violence Against Women, финансиран од Европската Унија и имплементиран заеднички од УНДП и UN Women, има за цел да обезбеди жените и девојките целосно да ги остварат своите економски, работни и социјални права во безбедна средина.

Проектот се реализира преку две комплементарни компоненти: економско зајакнување на жените и девојките, што го спроведува УНДП, и унапредување на превенцијата и одговорот на родово-засновано насилство, имплементирано од UN Women. Во рамки на УНДП-компонентата, фокусот е ставен на зголемување на учеството на жените во STEM, зелените и дигиталните професии, преку развој на вештини, професионална ориентација, менторство и поврзување со работодавци.

„Жените не недостасуваат во образовниот систем, туку недостасуваат во клучните точки на транзиција – од студии кон прва работа, од почетни кон повисоки позиции и од нестабилни кон одржливи кариери. Во STEM и ИКТ секторите ова е особено видливо. Жените имаат капацитет, знаење и интерес, но се соочуваат со системски бариери, родови стереотипи и ограничен пристап до можности за напредување. Затоа е важно да се работи паралелно со девојките, институциите и работодавачите, за да се создадат услови жените не само да влезат во STEM професиите, туку и да останат и да напредуваат во нив“, вели проф. Никица Блажевски.

Иако проектот сè уште е во почетна фаза и нема конечни резултати, очекувањата се дека ќе придонесе кон поголема видливост и вклученост на жените во STEM, подобрени кариерни можности и посилни системски механизми за порамноправен пристап до професиите на иднината во регионот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни