Историјата покрај тоа што ни ги укажува грешките кои не треба да ги повторуваме, укажува и на причината на одредени историски моменти. Додека некој пронаоѓа, креира и „изумува“ работи од забава, жените низ историјата докажуваат дека изумите ги засноваат на потреби кои понатаму водат до практичност и заштедување на нивното време.
Кога зборуваме за големите изуми што го променија светот, најчесто се споменуваат имиња на мажи – Едисон, Бел, Форд. Но, историјата има една невидлива страна, онаа каде жените, често потценети и заборавени, создадоа иновации што денес ги земаме здраво за готово. Од бришачите за ветробранско стакло до Wi-Fi и машината за миење садови, жените измислуваа од потреба, а не од луксуз – и тоа, во општество кое низ годините ги обесхрабрува да бидат пронаоѓачки.
Дали до денес сте слушнале за „изморената“ Џозефин Кокрејн која ја измисли модерната машина за миење садови во 1886? Таа обврската која жените ја имаат по дома и ја предаде на машина и тоа е еден од примерите каде машините им помагаат на луѓето во домашните обврски. Воедно, дали сте слушнале за Мери Андерсон која ги измисли бришачите за ветробранско стакло на автомобили, чиј патент е доста револуционерен, но одбиван се додека мажи не започнуваат да заработуваат од него. Ако се прашувате како е дојдено до оваа иновација одговорот лежи во тоа како жените воопшто прават нешто… гледаат проблем и веднаш се стремат кон решение. Така Мери еден снежен ден ги гледа шоферите како се мачат да ги чистат стаклата на нивните автомобили со рака или било каква алатка. Со проблемот кој го забележува Мери заминува дома, зема молив и хартија започнува да црта и останатото е историја…
А кога веќе сме кај науката и излегуваме од домот и домашните обврски ќе ги спомнам Гледис Вест и Хеди Ламар. Жени кои работеле во сенка на своите колеги мажи. Гледис го создава моделот што денес е основа за GPS технологијата. Додека Хеди го развива фреквентно прескокнување, технологија што денес овозможува Wi-Fi и Bluetooth да постојат.
Би ги спомнала тука и Маргарет Најт која ја креираше машината за хартиени кеси, и Алис Паркер која мислеше дека не е доволно греењето во нејзината куќа од камин па реши да го дизајнира првиот систем на централно греење на природен гас.
Зошто направив потсетник на измислици само на жени? За да потенцирам дека во светот кој е претставен како свет на мажи и сеуште се зборува само за измислиците на мажите, постојат овие иновации без кои денес нема да можеме да си го замислиме животот, а сепак ги ставаме под тепих.
Феминизмот не е само за правото да се гласа или да се работи. Тој е и за правото да се создава, да се измислува, да се биде признаен. Овие жени, често невидливи во учебниците, ја обликуваа иднината без да добијат простор во историјата.
Денес сеуште жените се иноватори во сите процеси, но колку и каде се зборува за тоа?
Историјата на овие жени не е само приказна за нивните изуми. Тоа е приказна за борба, отпор и неприфаќање на „не“ како одговор. Ако денес користиме GPS, Wi-Fi, хартиени кеси, централно греење, тоа е затоа што овие жени одбија да бидат тивки.
Наша должност не е само да ги славиме. Туку да се осигураме дека никогаш повеќе нема да има „заборавени пронаоѓачки“.
Денес кога нешто ќе користите и си го земате здраво за готово, како така да треба да биде запрашајте се зошто е тука и кој го доближил како такво до вас. И вие ќе знаете повеќе, и ќе им дадеме признание на оние кои креативно знаат да решаваат проблеми!