Претставници на Украина и Русија денес и утре ќе се сретнат во Женева на нов круг мировни преговори со посредство на САД. Кремљ најави дека разговорите ќе се фокусираат на најчувствителното прашање – судбината на украинските територии окупирани од Русија.
Американскиот претседател Доналд Трамп врши силен притисок врз Москва и Киев за да се постигне договор за завршување на најголемиот воен конфликт во Европа од 1945 година. Украинскиот претседател Волдомир Зеленски изјави дека неговата земја се соочува со огромен притисок да направи отстапки.
Трамп вчера порача дека Украина мора „брзо“ да седне на преговарачка маса и да постигне договор, изјавувајќи пред новинарите во претседателскиот авион Air Force One дека тоа е во интерес на Киев
Кремљ: Главните прашања се територијата и нашите барања
Русија бара Украина да ги отстапи преостанатите 20 проценти од источниот регион Доњецк што Москва не успеа целосно да го преземе – нешто што Киев категорично го одбива.
Портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, изјави дека овојпат ќе се разговара за „поширок спектар прашања, вклучително и главните – територијата и останатите барања што ги изнесе Русија“.
Двете страни остануваат длабоко поделени и околу други чувствителни теми, како што се контролата врз нуклеарната централа Запорожје и можната улога на западните трупи во поствоена Украина.
Претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби и беа оценети како конструктивни, но без значителен напредок, освен размена на заробеници.
Умеров: Подготвени сме за конструктивна работа
Новиот круг во Женева се одржува само неколку дена пред четвртата годишнина од целосната руска инвазија, на 24 февруари. Војната однесе десетици илјади животи, милиони луѓе ги напуштија своите домови, а бројни украински градови и села се разурнати.
Шефот на украинската делегација, Рустем Умеров, соопшти дека тимот веќе е во Женева и очекува „конструктивна работа и суштински состаноци за безбедносни и хуманитарни прашања“.
Руската делегација ја предводи Владимир Медински, помошник на претседателот Владимир Путин
Американските претставници Стив Виткоф и Џеред Кушнер ќе ја претставуваат администрацијата на Трамп на преговорите
Зеленски предупредува на нови напади
Во своето ноќно обраќање, Зеленски изјави дека разузнавачките информации покажуваат дека Русија подготвува нови масовни напади врз енергетската инфраструктура на Украина.
„Русија не може да одолее на искушението во последните денови од зимскиот студ и сака болно да ги погоди Украинците. Партнерите мора да го разберат тоа – пред сè САД“, порача украинскиот претседател.
Тој додаде дека руските напади постојано се развиваат и комбинираат беспилотни летала и ракети, што бара засилена противвоздушна одбрана и дополнителна поддршка од западните сојузници.