Желките на Сејшелите загрозени поради изградба на хотелски комплекс

Катарската компанија „Асет“ планира да гради луксузен хотел на остров во близина на архипелагот Алдабра, чиј екосистем е заштитен од УНЕСКО. Поради тоа се водат преговори со владата на Сејшелите.
Фото: fred_pnd, CC BY 2.0, via Wikimedia Commons

Организациите за заштита на дивите животни и биолозите предупредуваат дека хотелскиот комплекс може да предизвика непоправлива штета на „едно од најскапоцените национални богатства“ на оваа островска земја, додека од компанијата „Асет“ уверуваат дека ги направиле сите можни анализи и дека заштитата на екосистемот им е најважна.

Експертите предупредија дека проектот за изградба на хотел може да го загрози живеалиштето на огромните желки, а Алдабра е прибежиште за околу 150.000 единки од овој животински вид.

Џиновските желки се познати по нивната долговечност и големина. Мажјаците тежат во просек 250 килограми, а најстарата желка живеела 255 години.

„Гардијан“ наведува дека организациите за заштита на дивите животни и биолозите истакнуваат дека проектот се одвива забрзано без соодветна анализа на опасностите и ризиците за екосистемот.

УНЕСКО објави дека „тие биле информирани од трета страна за потенцијален проект на Сејшелите, кој може да влијае на светското наследство на Атолот Алдабра“.

„УНЕСКО ја следи ситуацијата и побаравме дополнителни информации од властите на Сејшелите, укажувајќи на потребата да се заштити извонредната универзална вредност на локацијата. Телото на Обединетите нации испрати писмо до претседателот на Сејшелите Вавел Рамкалаван во кое изразува загриженост“, рече портпаролот на организацијата.

„Алијансата за желки на Индискиот Океан“ наведува дека проектот ја загрозил репутацијата на Сејшелите како глобален лидер во заштитата на морската средина. Тие додадоа дека тоа „ќе предизвика непоправлива штета на едно од најскапоцените национални богатства“ на островската држава.

Од друга страна, од компанијата „Асет“ соопштуваат дека нивниот фокус е токму на зачувување на екосистемот, и дека ги завршиле сите потребни анализи.

„Нашиот принцип на работа е заштита на видовите. „Планирањето и целата наша идна градба ќе се одвива на одговорен начин и во согласност со најдобрата одржлива практика, која вклучува ефикасно управување со отпадот и водите, но и обновување на биолошката разновидност на островот, кој е сериозно оштетен во последните децении. “, се вели во соопштението на катарската компанија.

Извор: Н1

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни