Во време кога анимираниот филм сè почесто се перципира како подеднакво сериозна уметничка форма, двајца македонски автори – Жарко Иванов и Крсте Господиновски, успеаа не само да создадат филмови со силен визуелен и емотивен набој, туку и да ја вратат Македонија на мапата на врвната светска анимација. Со селекции на Annecy и Ottawa, нивните дела не само што го отвораат дијалогот помеѓу поезијата и анимацијата, туку поставуваат нови естетски и концепциски стандарди за регионот. Во ова интервју зборуваме за нивните филмови „Неми филмови“ и „Долго доаѓање на огнот“, за процесите, инспирациите, и за тоа што им претстои на македонските аниматори во иднината што веќе пристигна.

Уметникот и режисер Жарко Иванов зборува за „Долго доаѓање на огнот“ – експериментален анимиран филм инспириран од поезијата на Ацо Шопов, кој го вброи меѓу десетте автори од целиот свет селектирани во официјалната конкуренција на престижниот фестивал во Отава. Преку разговор за поезијата како егзистенцијална рефлексија, визуелниот јазик на болката, и анимацијата како медитација, Иванов отвора прашања за уметноста, времето и внатрешната трансформација.
Tрн: Отава е еден од водечките фестивали за анимација во светот – што значи оваа селекција за тебе лично и за македонската анимација воопшто?
Жарко: Фестивалот за анимиран филм во Отава е несомнено еден од најреномираните и највлијателни во светски рамки, водечки на северноамериканскиот континент и платформа каде се претставуваат најхрабри, најиновативни и естетски автентични дела во анимацијата. Со децении наназад, фестивалот поставува високи уметнички и концептуални стандарди, детектира нови трендови и претставува силни авторски гласови. Селекцијата во Отава не значи само фестивалска видливост, туку е и признание за уметничката релевантност на делото во глобален контекст. Затоа оваа селекција претставува огромна чест и лично достигнување, но и важен пресврт за македонската анимација. За прв пат во историјата, македонски анимиран филм ќе биде прикажан во официјалната конкуренција, во ненаративни филмови – селекција составена од само десет дела од целиот свет, избрани поради својот неконвенционален пристап кон структурата и визуелниот јазик. Овие филмови не нудат класичен наратив, туку истражуваат концепти, ритам, текстура и субјективно искуство. Тоа се дела што ја преиспитуваат суштината на анимацијата – како медиум, како израз, како размисла. Во мојот филм, овие вредности се пресликани преку експериментирање со форма и структура, каде нарацијата е заменета со визуелна и звучна логика, што води низ внатрешни состојби и пејзажи. Фактот што селекторите на Отава – познати по својата темелност – го препознаа тоа, за мене претставува уверување дека делото нашло свое место во интернационалниот дискурс на современата анимација. За македонската анимација, ова претставува ново поглавје. Доказ дека и автори од мали кинематографии можат да учествуваат во најрадикалните и најиновативни домени на светската сцена. Ова не е само мој успех – ова е сигнал и охрабрување за идните автори кои истражуваат надвор од конвенциите, и кои преку анимацијата бараат нови начини на уметнички и духовен израз.

Tрн: Филмот е инспириран од истоимената песна на Ацо Шопов. Што беше клучниот момент што те натера да ја пренесеш таа поезија во визуелна форма?
Жарко: Во мојот филм кон песната на Ацо Шопов пристапувам не илустративно, туку суштински – не ја „преведувам“ поезијата во слики, туку се обидувам да навлезам во нејзината внатрешна енергија, во егзистенцијалниот и онтолошкиот импулс. Шопов пишува дека вистинската поезија не е само естетско доживување, туку продор во тајните на постоењето, во длабоките, често непоимливи слоеви скриени под хаосот на секојдневието. Таа е клуч што води кон суштински прашања – за времето, совеста, одговорноста. За него, поезијата е и свест и совест – етичка позиција што бара ангажираност и интимна искреност. Оваа негова мисла ја доживувам како манифест и за поетот и за секој уметник кој тежнее кон суштината. Мојот филм тргнува од истиот предизвик – како преку анимација, преку гест, ритам, текстура и звук, да се приближам до чувството на „долго доаѓање на огнот“ – на внатрешната преобразба, болката, согорувањето. Песната ја читам како песна на тивко, длабоко чекање – не на конкретен настан, туку на прочистување. Огнот тука е метафора за вистината, љубовта, страдањето, но и новото раѓање. Во неа има тишина, болка и надеж. Таа не е исповед, туку состојба на преод и трансформација. Затоа избрав ненаративна, експериментална форма – не за да ја раскажам песната, туку за да ја „придвижам“. Анимацијата овде не е средство за репрезентација, туку медиум за медитација – за премин во оној свет каде чувствата, мислите и сетилата се спојуваат во едно неделиво цело. Како што кај Шопов зборот станува глас на совеста, така и во филмот секој звук и движење добиваат етичка тежина – стануваат глас на нешто исконско и човечко. Ова не е адаптација, туку рефлексија, вибрација од поетската длабочина. Публиката не добива порака, туку покана да ја почувствува и протолкува таа „долго доаѓачка“ внатрешна вистина – огнот што доаѓа и го осветлува она што најдолго сме го држеле во мрак.

Tрн: Колку време беше потребно за да се реализира филмот од идеја до готов производ и со каков тим работеше и какви техники на анимација користеше?
Жарко:На филмот работевме повеќе од две години – период исполнет со интензивно истражување, прецизна визуелна разработка и длабоко емоционално вложување. Клучна улога имаше Крсте Господиновски, мојот најблизок пријател и уметнички соборец, кој како директор на анимација не само што го водеше процесот, туку активно учествуваше во обликувањето на визуелниот јазик на филмот. Во ваков експериментален проект, таа позиција носи соавторска тежина – ритамот, материјалноста, па дури и емотивниот тон на секој фрејм беа заеднички обмислени. Наместо илустрација на песната на Ацо Шопов, тежнеевме кон визуелна интерпретација – преку форми што се распаѓаат, трансформираат и стануваат нешто друго. Филмот настануваше во сенката на терминалната болест на мојот татко. Многу сцени се инспирирани од искуството на долгите болнички денови и од визуелниот јазик на медицинските документи – томографии, скенови, резонанци – графички апстрактни слики на човечката кревкост. Тие стануваат основа за визуелната естетика на филмот: интимна топографија на минливоста, претворена во анимациска медитација. На некој начин, филмот е визуелно memento mori – сведоштво за минливоста на телото, но и обид за духовна трајност преку поезијата. Особено значајна е звучната слика на филмот, саунд дизајнот на Горан Петровски, кој креираше акустички пејзаж што не ја следи визуелната линија, туку ја продлабочува. Звукот не служи само за поддршка – туку е драматуршка и емотивна оска. Работевме на принцип на симбиоза: неговите звучни текстури – органски, подземни, па и остри и дисторзирани – му дадоа на филмот слоевит внатрешен пејзаж.

Tрн: Филмот веќе беше прикажан на фестивали во Билбао, Лисабон, Белград, Љубљана. По Отава, следат Москва и Киев. Колку ти значи што филмот има вакво меѓународно фестивалско патување?
Жарко: Филмот е дел од омнибусот Небиднина, четири филмови инспирирани од творештвото на Шопов. Заедно со филмовите на Иван Ивановскии, Владимир Лукаш и Крсте Господиновски на фестивалот Анимаком во Билбао ја освои наградата за најиновативен филм, а понатаму и Гран-при наградата на белградската Балканима. Потоа, го продолжи фестивалскиот пат самостојно и беше прикажан најпрвин на Аниматека во Љубљана, понатаму на Монстра во Лисабон, а до Отава го очекуваат фестивалот за медиа-арт и современа анимација Линолеум во Киев и Инсомнија во Москва. Да се биде присутен на овие фестивали значи многу повеќе од самото прикажување на филмот. Тој е еден вид културен амбасадор кој претставува една мала земја како Македонија на светската културна мапа, преку визуелниот јазик кој не познава граници. Фестивалите како оние во Отава, Киев, Лисабон или Москва се платформи каде што филмовите не само што се оценуваат според своите уметнички и технички вредности, туку и како носители на локални културни и книжевни гласови. Во конкретниот случај, „Долго доаѓање на огнот“ ја носи поезијата на Ацо Шопов – еден од најголемите македонски поети – пред очите на меѓународната публика, преку медиумот на анимираниот филм. Тоа е начин да се афирмира еден јазик, една литература и еден поет кој е недоволно препознаен надвор од нашите граници. За една мала кинематографија како македонската, ваквата меѓународна изложеност е ретка и драгоцена можност, не само за авторите туку и за целокупната културна продукција на земјата. Присуството на филм на вакви фестивали го легитимира и националниот уметнички идентитет во глобален контекст, но и ја отвора вратата за идни копродукции, резиденции, и мрежи на соработка. Тоа е, на некој начин, патување и на филмот и на културата што тој ја носи со себе.

По речиси половина век тишина на светската сцена, македонската авторска анимација повторно прозборе – и тоа гласно. Краткиот анимиран филм „Неми филмови“ на Крсте Господиновски, селектиран во официјалната програма на Annecy International Animation Film Festival, е првиот македонски филм по легендарниот „Адам“ (1977) кој се најде меѓу 70-те избрани од над 3.900 пријави. Тоа не е само успех на еден филм, туку и на генерација автори кои со посветеност и визија го враќаат македонскиот анимиран филм на светската мапа. Во ова интервју, Крсте зборува за процесот на создавање на филмот, за историската тежина на селекцијата, но и за иднината на еден медиум што кај нас сè уште бара свое вистинско место.
Tрн: „Неми филмови“ e селектиран за официјалната секција Perspectives на престижниот фестивал Annecy, Франција, чиишто 64. издание се одржа од 8 до 14 јуни 2025 — од вкупно 3.900 учесници биле избрани 70 филма. Како ја доживуваш оваа селекција?
Крсте: Да бидам искрен, оваа селекција ја доживувам како точка на пресврт, не само во однос на филмот „Неми филмови“, туку и воопшто за мојата работа како автор. Фестивалот во Анеси, заедно со Анимафест во Загреб, е еден од двата најстари и најзначајни фестивали за анимиран филм во светски рамки. Со децении наназад тие ги диктираат трендовите и ги поставуваат стандардите во доменот на авторската анимација. Тука секако треба да се спомене и фестивалот во Отава, кој ја заокружува таа елитна мрежа на влијателни фестивали што ги следат професионалците, критичарите и страстните љубители на медиумот. Кога еден филм започнува со живот токму на вакви платформи, тоа е повеќе од охрабрување — тоа е јасна и недвосмислена потврда за сработеното, за вредноста на трудот и на уметничкиот пристап. Знам и сум свесен дека има стотици, ако не и илјадници, навистина квалитетни филмови кои, од различни причини, не се најдуваат во финалната селекција. Но кога ќе се најдете меѓу тие 70, од речиси 4.000 пријавени, знаете дека некој сериозно го препознал тоа што сте го вложиле — естетски, тематски, концепциски. Процесот на создавање на еден анимиран филм е навистина тежок и макотрпен. Тоа не е само креативна работа, туку и техничка дисциплина која бара прецизност, истрајност и огромна посветеност. Секој што имал прилика одблиску да види како настанува една анимација, веднаш ја разбира тежината на процесот. „Неми филмови“ го работевме цели осум години — осум години постојано враќање на материјалот, дотерување, експериментирање, отфрлање и повторно градење. Тоа е долг и интензивен процес кој бара трпение, но и верба дека она што го правиш ќе најде свој пат до публиката. И ете, кога после толку години ќе застанеш пред публика каква што е онаа на Анеси — љубопитна, образована и исклучително чувствителна на визуелниот и наративниот квалитет — и кога тие ќе те пречекаат со овации, тоа не е само момент на радост. Тоа е чувство дека навистина си успеал да допреш до луѓето. Особено до тие што се сладокусци, што го познаваат и навистина го разбираат медиумот на анимираниот филм. Треба да се каже дека само за овогодинешното издание на Анеси биле продадени 18.000 акредитации. Тоа се 18.000 луѓе од целиот свет — автори, продуценти, критичари, селектори, студенти, ентузијасти — кои доаѓаат со силна желба да видат што има ново, да откријат нови автори, да почувствуваат каде се движи современата анимација. А покрај нив, таму се и водечките професионалци од индустријата: уметнички директори, професори, фестивалски селектори, претставници на најзначајните светски студија. Нивните коментари после проекциите, нивниот интерес, нивната реакција — тоа е, според мене, незаменливо искуство. Тоа е момент кога сфаќаш дека твојот труд е не само виден, туку и разбран и вреднуван.

Tрн: Фактот дека ова е првиот македонски анимиран филм по „Адам“ (1977) кој ја надмина селекцијата на Annecy, има огромна историска тежина. Како реагираше на тоа на почетокот?
Крсте: Па, видете вака – кога ќе се земе предвид фактот дека ова е првиот македонски анимиран филм по Адам (1977) кој успеал да влезе во официјалната селекција на еден од најпрестижните фестивали за анимација во светот, како што е Annecy, тогаш навистина станува збор за момент со исклучително силна историска тежина. Лично, чувствувам и гордост и одговорност. Овој успех не дојде одеднаш – тој е резултат на една долготрајна и посветена борба на мала, но упорна група автори и ентузијасти, кои во изминатата деценија вложија огромна енергија, време и љубов во обидот да се оживее македонската анимациска сцена. Нашата борба беше тивка, но истрајна. Работевме со ограничени ресурси, но со големи амбиции и силна верба дека вреди. И еве, сега веќе гледаме конкретни резултати – оние што се видливи не само дома, туку и на светската мапа на анимацијата. Македонија денес не е непознато име во круговите на светската авторска анимација. Преку филмовите кои ги создаваме, преку фестивалот кој го организираме, и преку сите дополнителни активности – од едукација до интернационални соработки – ние станавме препознатливи и респектирани. Сепак, би сакал да потенцирам дека сето ова не треба да се зема здраво за готово. Мислам дека државата е сега на клучна пресвртница – дали ќе препознае и ќе ја поддржи оваа нова анимациска енергија, или ќе дозволи повторно да згасне, како што веќе еднаш се случи по 1980-тите. Овие успеси, како што е овој на Annecy, не се само културни подвизи – тие се и дипломатски и образовни и идентитетски значајни за една мала земја како нашата. Тие испраќаат порака дека имаме капацитет за врвно уметничко творештво, дури и во толку сложен и скап медиум како што е анимацијата. Да, имаме добиено поддршка, и сме благодарни за тоа, но таа засега не е пропорционална на трудот и резултатите. Најчесто, личниот влог – и финансиски и емотивен – беше многукратно поголем од она што сме го добивале институционално. Се надевам дека овој момент ќе биде вистински препознаен – и не само како успех на еден филм или автор, туку како знак дека македонската анимација има сериозен потенцијал. Доколку се вложи системски, доколку се изгради инфраструктура и се поддржи генерациски континуитет, тогаш сум уверен дека ова не е врв, туку само почеток на ново, долго и значајно поглавје во нашата културна историја.
Tрн: Заедно со Жарко Иванов и Димитар Димоски, го потпишувате сценариото — како беше тој процес на креирање на приказната од три различни перспективи?
Крсте: Со Димитар имаме одлична комуникација и како сценаристи и како продуцентско дуо. Нашата соработка отсекогаш била транспарентна, искрена и плодна, со постојано меѓусебно надополнување и разбирање, што мислам дека е клучно за успешна креативна работа. Со Жарко, пак, сме како браќа. Не само што сме заедно уште од самиот почеток на нашите кариери, туку имаме и заедничка визија за тоа како треба да изгледа еден авторски филм. Заедно сме ги создале сите досегашни проекти, а го водиме и Флибук Филм Фестивал, кој за нас претставува не само платформа за млади автори туку и простор за експеримент и заедничка инспирација. Кога почнавме да работиме на овој филм, тргнавме од расказот на Димитар Димоски, кој буквално не освои уште при првото читање. Тоа беше силен, емотивен текст со длабоко човечка димензија, а притоа и отворен за визуелна интерпретација. Но, се разбира, авторскиот анимиран филм е многу специфичен медиум. Тој не дозволува едноставно префрлање на прозен текст на екранот. Расказот требаше да помине низ комплексен процес на адаптација, со цел неговата суштина, емоција и структура да бидат пренесени преку анимацискиот јазик. Работата на сценариото не беше линеарен процес — напротив, сценариото постојано се менуваше, дообликуваше, се редрафтираше. Имаше моменти кога дури и се враќавме на самиот почеток, преиспитувајќи ја структурата или еден сегмент на нарацијата, сè со цел да останеме верни на чувството што расказот првично ни го предизвика. На крајот, преку тие бројни итерации, приказната се претвори во нешто многу лично — моја авторска визија, филмска прикаска која, иако израсната од еден прекрасен литературен извор, сега постои како целосно нов, анимиран свет.
Tрн: Покрај Annecy, филмот беше прикажан и на Aнимафест во Загреб — каква беше критиката и публиката таму?
Крсте: Проекцијата во Загреб ми беше особено драга и емотивна. Веќе напоменав колку е значаен Анимафест како фестивал — не само за регионот, туку и за светската сцена на авторската анимација. Иако Annecy и Анимафест често се перципираат како сродни фестивали, тие имаат свои јасно изразени карактеристики. Annecy во последниве години се развива сè повеќе во насока на индустриската страна на анимацијата — големи студија, продукции со висок буџет, пазар и копродукциски форуми. Тоа е секако важно за развојот на медиумот воопшто, но Анимафест, од друга страна, останува доследен на својата улога како платформа за авторска и независна анимација. И токму затоа настапот во Загреб ми беше особено значаен — бидејќи таму се чувствуваш како да си меѓу свои. Како автор, кога твоето дело ќе биде прифатено и препознаено во таков контекст, тоа е еден од најголемите комплименти што можеш да ги добиеш. Реакциите беа одлични, и од страна на критиката и од публиката. Луѓето многу прецизно го препознаа трудот, вниманието на детали и мајсторството кое го вложивме во филмот, иако доаѓаме од мала продукциска средина и работевме со ограничени ресурси. Тоа препознавање од професионалци и гледачи кои доаѓаат од долга и богата традиција на анимација, како што е хрватската школа, е нешто што навистина мотивира и охрабрува. Хрватската критика отсекогаш се одликува со една искреност и прецизност — таа не простува површност, но затоа кога ќе добиеш позитивен одзив, знаеш дека е заслужено. Токму такви искрени и аналитички реакции добивме и овојпат, што за мене лично претставува еден од највредните моменти во целата фестивалска дистрибуција на филмот.
Tрн: Сметаш ли дека филмот отвора нова ера за македонската авторска анимација – особено во контекст на експериментални техники?
Крсте: Секако, со голема убеденост можам да кажам дека филмот навистина отвора нова ера за македонската авторска анимација, особено во контекст на експерименталните техники и новите форми на изразување. Јас веќе чувствувам дека се случува една значајна трансформација, која полека, но сигурно го менува пејзажот на нашиот анимиран филм. Веќе гледаме како се отвораат нови врати, кои се плод на повеќегодишна посветеност и работа – ние сме на патот кон нешто сосема поинакво и свежо. Овој проект е кулминација на скоро две децении континуиран труд, вложување на енергија и љубов кон анимацијата, која ја развиваме со многу страст и упорност. Секој чекор што сме го направиле до сега имал големо значење и придонес, и токму поради тоа сме горди што сме на оваа точка каде што можеме да зборуваме за конкретни достигнувања. Верувам дека оваа динамика ќе продолжи и дека ќе се отворат многу нови можности, особено во областа на меѓународната копродукција, што ќе овозможи поширок пласман и поголема видливост на македонската анимација на светската сцена. Искрено се надевам дека овој успех ќе биде инспирација за млади и квалитетни автори од нашата земја, кои ќе се осмелат да ги истражат и да се пробаат во овие современи и експериментални сфери, носејќи свежи идеи и нови визии кои ќе го збогатат нашиот анимациски свет.

Tрн: Како ја гледате иднината на анимираниот филм во Македонија? Што недостасува за посилно меѓународно присуство?
Крсте и Жарко: Иднината на анимираниот филм во Македонија има огромен потенцијал, пред сè поради фактот што во земјава постојат исклучителни таленти – млади и веќе афирмирани автори кои поседуваат уникатен визуелен јазик и храбар авторски пристап. Тоа што им недостига е системска поддршка, особено во делот на финансирањето. Државната поддршка за анимацијата сè уште е недоволна и недоволно стратешки поставена, што значи дека многу добри идеи и проекти остануваат само на хартија или се реализираат со огромни лични жртви. За да имаме посилно меѓународно присуство, мора да вложиме во континуитет – не само финансиски, туку и во создавање услови за едукација и професионален развој на младите автори. Потребни се специјализирани програми, работилници, менторства, но и институционално препознавање на анимацијата како рамноправна уметничка дисциплина. Во тој контекст, особено би го издвоил значењето на Флипбук Филм Фестивал – како единствен фестивал за анимиран филм кај нас, тој игра клучна улога во поврзувањето на македонската сцена со меѓународната, отворајќи простор за дијалог, соработка и видливост. Тоа не е само платформа за прикажување филмови, туку и место каде што младите автори можат да се инспирираат, да научат, и да се почувствуваат како дел од една поширока, жива и развиена анимациска заедница. Затоа, ако сакаме да зборуваме за сериозно и трајно присуство на македонската анимација на светската мапа, потребна ни е системска поддршка, верба во авторите и институции што ќе ја препознаат и негуваат оваа уметничка форма.
Tрн: Што би им порачале на младите аниматори и филмаџии кои сакаат да раскажуваат приказни преку анимација?
Крсте и Жарко: На младите аниматори и филмаџии би им порачале, пред сè, да останат љубопитни и отворени – да гледаат што повеќе анимирани филмови, особено од нивни врсници и колеги кои студираат на европските филмски академии. Во тие кратки филмови ќе најдат свежи идеи, храбри експерименти и искрени гласови што го отсликуваат духот на современата авторска анимација. Тоа е најдобриот начин да се следи пулсот на медиумот – не преку комерцијалните трендови, туку преку младите кои го создаваат идното лице на анимацијата. Но исто така, многу е важно да развијат трпение. Анимираниот филм не се прави брзо. Тоа е процес што бара време, посветеност и издржливост – секоја секунда филм понекогаш значи денови и недели работа. Иако понекогаш може да изгледа како да не се движи ништо, секој мал исчекор е вреден. Тоа што денес изгледа како скица, утре може да биде моќна сцена што ќе се допре до публиката на длабоко ниво. Дополнително би им порачал да не се плашат од сопствениот глас. Најдобрите анимирани филмови се оние што носат нешто лично, нешто што авторот навистина има потреба да го каже. Техниката се учи, но автентичниот израз – тоа е нешто што доаѓа од внатре и вреди да се негува. Анимацијата не е само алатка за движење на слики – таа е моќен јазик на емоции, идеи, пораки и визии. И секој млад автор што чувствува потреба да зборува преку неа, веќе има што да понуди.