Жан Пјер Симеон – Гласот на современата француска поезија

Жан-Пјер Симеон, истакнат француски поет и драматург, верува дека поезијата не е само уметничка форма, туку начин на живот кој ни помага да ја славиме апсолутноста на животот. Според него, поезијата треба да не поттикне да живееме целосно, слободно и без ограничувања од општествените барања. Тој истакнува дека важноста на поезијата и на фестивалите кои го промовираат, како Струшките вечери на поезијата, е суштинска за сите поети и љубители на поезијата ширум светот.

Жан-Пјер Симеон е еден од најистакнатите современи француски поети, драматурзи и есеисти, роден на 6 мај 1950 година во Париз. Неговата богата и разновидна кариера го вклучува пишување на поетски збирки, театарски пиеси, романи и книги за деца, со што оставил длабок печат врз француската и светската книжевност. Покрај својот книжевен ангажман, тој бил и посветен професор по модерна книжевност, подучувајќи на престижни институции како Универзитетскиот институт за обука на предавачи на високообразовни институции во Оверњ, Високата национална школа за театарски уметности и Институтот за политички науки во Париз.

Неговото творештво и ангажман како основач на Неделата на поезијата во Клермон-Феран (1987) и како уметнички директор на „Printemps des poètes“ (2001-2017) придонесоа поезијата да стане централна тема на современата културна сцена во Франција. Покрај тоа, тој беше придружен поет на Националниот народен театар во Вилербан и ја водеше поетската колекција на реномираната издавачка куќа Gallimard.

Симеон е исто така добитник на голем број престижни награди, вклучувајќи ја наградата Аполинер (1994), наградата Макс Жакоб (2006), и меѓународната награда за современа поезија во Кина (2021), како и највисокото признание за поезија од Француската академија (2022). Со оваа долга листа на признанија и постигнувања, тој е сметан за водечки глас на француската и светската поезија.

Покрај своите книжевни дела, Симеон постојано работи на промоција на значењето на поезијата. Во својот есеј „Поезијата ќе го спаси светот“, Симеон изразува длабоко верување дека поезијата е начин на живот, начин на размислување и алатка за промена. Тој верува дека поезијата не е само јазична игра или орнамент, туку вистинска форма на изразување на човековата душа, со способност да ја даде смислата на човечката авантура во безмилосниот свет.

Во својата порака кон македонската јавност при доделувањето на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, Симеон истакна:
„Поезијата е начин на живот, местото во кое може сите да се обединиме. Нешто што постојано не потсетува дека ние сме пред се луѓе.“

Со овие зборови, Симеон ја сумира својата животна мисија – да го внесе поетскиот дух во секој аспект на човечкото постоење и да поттикне луѓето да размислуваат слободно, со љубов и отвореност кон светот.

Најново

Последни колумни