За еволуцијата на снимачките алатки од времето на новиот бран на француската кинематографија, зборуваа денеска француските кинематографери Жан Мари Дружу, Денис Лениор и Паскал Марин, во киното „Манаки“ во Битола. Работилницата беше одржна во рамки на 46. Издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кој се одржува од 20 до 26 септември во Битола.
На работилницата пред публиката беа прикажани снимки од филмови снимени во четириесеттите години на минатиот век, па наваму, низ кои се забележува како напредувала технологијата кога се работи за алатките за снимање.
„Има филмови на кои камерата беше поставена на инвалидска количка. Во почетоците ја имавме „Арифлекс“ камерата, која тежеше 15 килорами, па потоа ја имавме „Панафлекс“ која тежеше 13 килограми, а потоа излезе „Атон 35“, која тежеше 8 килограми и можеше да се стави на рамо“, рече Паскал Марин.

Жан Мари Дружу зборуваше за почетоците на камерата во Франција, прикажувајќи снимки од филм кој содржи снимки од Ајфеловата кула, на кој работел кога имал само 20 години.
„Техничкото подобрување на камерата беше добро за кинематограферите бидејќи им даваше поголема уметничка слобода“, рече Дружу.