Ценарот за управување со кризи информира дека поради обилните врнежи од дожд во последното деноноќие на повеќе локации во државата се регистрирани зголемување на водостоите на реките како и одредени излевања, поплавени објекти, но и одрони на некои патни правци.
Во Битолскиот регион има излевање на реката Шемница кај с. Лера со поплавена куќа и штали. Во општина Новаци е прекинат патот кон рудникот Брод–Гнеотино поради надојдена вода од Црна Река
Преспански регион: Излевање на реки во с. Царев Двор и Дрмени со поплавени куќи; Постои опасност од излевање на Голема Река.
Струмички регион: Нема пријавени штети; регистрирани се одрони на патниот правец Струмица–Валандово.
Скопски регион: Зголемено нивото на речните корита, но засега без излевања на водотеците од нивните корита.
Велешки регион: Одрони и паднато дрво на два патни правци. Реката Вардар е на многу висок водостој со можност за излевање кај автобуската станица.
Штипски регион: Нема пријавени проблеми.
Охридски регион: Значително покачени водостоите на реките; излевања на повеќе места и ризик за поплавување на поединечни станбени објекти. Активирани се екипи за интервенција во Косел, Опеница и кај Скребатска Река.
Кумановски регион: Нема излевања во Куманово и Липково; се расчистуваат наноси кај с. Коинце.
Кратовски регион: Зголемени водостоји, но без штети. Исчистен е одрон на патниот правец Страцин–Пробиштип.
Тетовски регион: Нема пријавени штети; водостоите се зголемени, но без излевања.
Од УХМР информираат дека денес се очекува променливо облачно време со локални обилни врнежи, можни грмежи и силен јужен ветер над 60 km/h. Температури од 13 до 19 °C; во Скопскиот регион до 17 °C.
Најмногу врнежи се измерени во Претор (66 l/m²), Крушево (37), Битола (30) и Прилеп (26).
Забележан е висок водостој на реката Сатеска во Охридскиот регион, со препорака за зголемено внимание.
„Апелираме до граѓаните да избегнуваат движење во близина на речни корита, мостови и поплавени површини, да ги следат упатствата на надлежните служби, а доколку забележат било каква опасност – веднаш да пријават на бесплатниот број за итни повици 112 во ЦУК“, се вели во соопштението на ЦУК
