Агенцијата за цивилно воздухопловство ја прошири листата на населени места каде што е забрането користење дронови, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Според официјалното соопштение, забраната за летање на воздухоплови без екипаж (дронови) важи за следните подрачја:
- Кочани, вклучувајќи ги Оризари, Тркање и Зрновци
- Штип со околните населени места
- Општина Чешиново-Облешево, вклучувајќи ги Соколарци и Чифлик
- Струмица со околните населени места
- Пробиштип со околните населени места
- Македонска Каменица со околните населени места
- Виница, вклучувајќи го селото Липец
- Скопје, во делови од Бутел, Ѓорче Петров, Горно Лисиче и Горно Нерези
Од МВР предупредуваат дека неовластеното и некоординирано управување со дронови во овие зони може да загрози воздушниот сообраќај и да предизвика сериозни последици по безбедноста и имотот на граѓаните. За прекршување на забраните предвидени се санкции согласно Законот за воздухопловство.
Министерството исто така апелира до граѓаните во деновите на жалост и протести да се придржуваат до законските одлуки, да ги почитуваат насоките на полицијата и да придонесат кон зачувување на јавниот ред и безбедност.